Македонија ќе се снабдува со гас од Бугарија
Македонија и Бугарија потпишаа договор за ново поврзување на дистрибуција на природен гас. Населеното место Жидилово во општина Крива Паланка ќе биде познато како нова точка преку која од Ќустендил во земјава поминува гасоводна мрежа. Државните компании на двете земји ГА-МА и Буглартрансгаз посочија дека со овој договор за интерконекција детално се определени условите за набавка на гас, испораката, и останатите процедури се со цел намалување на зависноста од природен гас, пишува Алсат.
„Од први јануари ќе се ослободат капацитетите на природен гас кои ќе може да бидат увезени во нашата држава за потребите и на топланите и на ТЕ-ТО во делот на електрична енергија. Но најважно од се и за потребите на индустријата во целина која ја користи природен гас.“, рече Крешник Бектеши министер за економија МКД.
Во Македонија 50тина поголеми индустриски капацитети користат природен гас. Но без навремено обезбеден гас нема да можат да работат ниту странските компании кои се во индустриските зони. Надлежните најавија и дека со либерализација на пазарот со природен гас ќе има повеќе опции за компаниите и за домаќинствата. Конкретно со договорот кој денеска се потпиша во Софија се регулира зголемување на количината на гас која ќе влегува во земјава.