Македонија ќе побара од Брисел да не плаќаме по 7 евра за патување во ЕУ

Скопје се вклучува во иницијатива упатена до Брисел во врска со воведувањето на ЕТИАС системот, кој предвидува од ноември секој наш државјанин електронски да се пријави пред да патува во земјите од Шенген зоната, како и Исланд, Норвешка и Швајцарија, како и да плаќа по 7 евра.

Овој систем, покрај за Македонија, ќе важи и за државјаните на сите други земји, меѓу кои и тие од Западен Балкан, кои се кандидати и преговарачи за членство. Европската Унија (ЕУ) еднаш го одложи почетокот на примената на Европскиот систем за патни информации и одобрување (ЕТИАС), според кој патниците надвор од ЕУ ќе плаќаат 7 евра за влез.

„Вицепремиерот Маричиќ е веќе во комуникација со неговите колеги од регионот и има расположение од нивна страна за оваа иницијатива. Во тек се разговорите и се очекува до мај да биде испратена заедничка порака до Европската комисија“, информираат од Секретаријат за европски прашања.


ЕТИАС е наменет за секој жител на земја надвор од ЕУ, а на која не ѝ треба виза за влез. Овој систем нема да биде за оние кои досега требале да вадат визи за влез во ЕУ. Жителите надвор од ЕУ, меѓу кои и Македонците, ќе треба да се пријават за влез во ЕУ пред да патуваат, а тоа ќе ги чини 7 евра. Пријавувањето ќе се врши со пополнување на краток онлајн-формулар и прикачување фотографија од пасош.

Од Советот на амбасадори изразија загриженост за ваквата одлука на Европската комисија, потенцирајќи дека не треба да се воведат рестриктивни мерки, бидејќи  земјата има целосна визна либерализација.

„Воведувањето на дигитални овластувања за патување во Шенген зоната и плаќањето влезна такса од седум евра по човек е сериозен чекор наназад и повторно подигнување на нови и непотребни бариери кои ќе го нарушат слободниот проток на луѓе помеѓу Европската Унија и земјите – кандидати“, велат од Совет на амбасадори.

Од Европската Унија претходно истакнаа дека овој формулар не е виза. Според Брисел системот ќе ја зголеми безбедноста, но и ќе ја забрза процедурата за влез на граничните премини. Идејата за ваков систем потекнува уште од 2016 година, но воведувањето постојано се одложуваше.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons