Свет

Лидерите на Европската унија: Ќе се договориме како да ја финансираме одбраната 

Лидерите на земјите-членки на ЕУ треба да ги идентификуваат приоритетите во одбранбената политика, како да ги финансираат и како да ги зајакнат постоечките партнерства, изјави денеска претседателот на Европскиот совет Антонио Коста. Лидерите на ЕУ првпат се собираат на неформален состанок посветен исклучиво на одбраната.

„Мојата намера е преку овој собир да имаме искрена, отворена и слободна дискусија за три главни прашања: кои се приоритетите што треба да ги развиеме на заеднички начин, како да ги обезбедиме потребните финансии и како да ги зајакнеме нашите постоечки партнерства“, изјави Антонио Коста пред почетокот на собирот.

Коста рече дека денешната дебата треба да резултира со обезбедување политички насоки на Комисијата и на високиот претставник за надворешна политика и безбедност за Белата книга што треба да биде претставена во март и да го отвори патот за одлуките што треба да се донесат во наредните месеци.

На ручекот на лидерите на земјите-членки на ЕУ ќе им се придружи генералниот секретар на НАТО Марк Руте, а на работната вечера британскиот премиер Кир Стармер. Ова е прв собир на лидерите на ЕУ посветен исклучиво на одбраната и прв откако Доналд Трамп ја презеде функцијата претседател на САД. Трамп бара од членките на ЕУ да ги зголемат трошоците за одбрана на 5 отсто од БДП, што за повеќето од нив е неостварливо со оглед на нивната фискална ситуација.

Американскиот претседател најави и воведување царини за Европската унија и бара Данска да му го предаде Гренланд. Пред неформалниот собир, лидерите на осум земји, Естонија, Летонија, Литванија, Шведска, Финска, Данска, Полска и Ирска се состанаа за да координираат заедничка позиција. Се работи за земјите кои најмногу се залагаат за воена помош за Украина и остри санкции против Русија.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons