Лажна вест за киднапери на деца во Скопје направи паника, МВР апелира граѓаните да не наседнуваат на дезинформации
Вест дека пет лица, три жени и двајца мажи наводно киднапери на деца се движат низ Скопје, поточно во Батинци и дека веќе се обиделе да грабнат две девојчиња со молскавична брзина доцна вечерва се прошири на социјалните мрежи. Голем дел од граѓаните ја споделија и уште ја споделуваат информацијата на која има фотографии од лица за кои се апелира дека ако бидат видени треба да се пријават во полиција бидејќи, наводно се работело за киднапери. Министерството за внатрешни работи апелираше да не се наседнува на вакви лажни информации и да не се шири паника и додава дека полицијата ја гарантира безбедноста на граѓаните и на децата.
Но, колку и МВР да предупредува, граѓаните сепак се чини дека веруваат во постовите на ликови кои воопшто не ги познаваат и не знаат дали се работи можеби за лажни профили.
Голема е бројката на лица кои вечерва поверуваа дека во Скопје група од пет лица киднапираат деца и дека треба да се внимава.
Објавата ја споделил извесен Ибрахим Сали, а за само три часа оваа лажна вест ја споделиле речиси 3.000 корисници на Фејсбук
Во коментарите на лицето кое ја споделило лажната информација која направи паника му се посочува да пријави во полиција, на што тој или таа (не знаеме кој се крие зад профилот), одговара дека е пријавено и дека „МВР сака на готово да им бидат донесени“.
Полицијата веќе проверува кој стои зад профилот.
Во официјално соопштение вечерва од МВР повикаа на внимателност со лажните информации кои шират паника и кои прават огромна штета.
„Граѓаните да не наседнуваат на дезинформации, полицијата ја гарантира безбедноста. Министерството за внатрешни работи ги демантира лагите кои некои лица ги пласираат преку социјалните мрежи за некакви наводни киднапери. Нема ниту едно одземено дете, ниту било какви киднапери. Апелираме да не се шират дезинформации по социјалните мрежи кои имаат за цел да ги вознемират граѓаните. Полицијата е присутна насекаде и ја гарантира безбедноста на граѓаните“, се вели во официјалното соопштение на МВР.