Македонија

Комисијата за заразни болести препорача да се укинат Ковид-мерките 

По одлуката на Светската здравствена организација (СЗО) која минатата недела прогласи крај на пандемијата на коронавирусот, Комисијата за заразни болести денеска донесе одлука да достави препорака до Министерството за здравство, Владата и Кризниот штаб да бидат укинати сите задолжителни мерки за заштита од Ковид-19 и да се направи транзиција од едно пандемиско ниво на вирусот во обична заразна болест.

Портпаролот на КЗБ, д-р Злате Мехмедовиќ на денешната прес-конференција соопшти дека минатата недела е забележано рекордно најниско ниво на заболени – 66. Информираше дека е разговарано и околу тоа како да се објавуваат извештаите за ковид-пациентите, односно дали тоа да биде на неделно ниво или да бидат вклучени во билтенот за сите заразни болести, што Институтот за јавно здравје го објавува месечно.

Вакцинацијата против коронавирусот сè уште останува како препорака.

– Тоа е една од методите што не доведе до ситуација да направиме колективен имунитет, така што остануваме на таа препорака, додава тој.

Портпаролот на КЗБ соопшти и дека во последните извештаи во земјава нема починати од ковид-19, но на глобално ниво во текот на минатата недела на секои три минути макар еден пациент починал од ковид-19.

Тој потсети на актуелните мерки што сè уште важат, сè додека Владата на седница не ги укине: Задолжително носење маска во болници, јавен превоз, аптеки и во домовите за стари лица.

Би сакале како КЗБ да кажеме, односно да препорачаме, дека носењето маска во болница се покажа како позитивна мерка. Покажа колку може да се превенираат интрахоспиталните инфекции, болестите што се пренесуваат таму и од таа причина наша препорака е луѓето кои ќе посетуваат болници или ќе се најдат таму за каква било услуга, да продолжат да носат маска, особено оние кои спаѓаат во ризична група, појаснува д-р Мехмедовиќ.

Пред три години, на 30 јануари 2020 година, Комитетот за итни случаи на СЗО прогласи глобална вонредна состојба поради коронавирусот. Во меѓувреме, над 6,9 милиони лица починаа од последиците на коронавирусот.

Ваквиот статус помогна меѓународното внимание да се фокусира на здравствената закана, како и да се зајакне соработката за вакцини и третмани.

Укинувањето на вонредната состојба е знак за напредокот што светот го постигна во оваа област, но коронавирусот сè уште е присутен, соопшти СЗО, иако тоа повеќе не претставува вонредна состојба.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons