Клековски: Кај Михаилова нема здравствен случај
Бегството на Ива Михаилова во соседна Бугарија е поради доаѓањето на бугарскиот конзилиум во Македонија, кој по проверката на нејзините наводи, ќе утврдеа дека таму нема здравствен случај, изјави министерот за здравство, Сашо Клековски.
„Бегството е поради доаѓањето на бугарскиот конзилиум, тука. Тој требаше заедно со македонските лекари да ги провери наводите на лицето. Мислам дека тогаш ќе излезеа работите на виделина какви се. Јас патувам во Софија, ќе разговарам секако со нивното министерство за тоа, бидејќи во основа таму нема здравствен случај“, вели Клековски.
Инаку, против Ива Михаилова се води судски процес во Судот во Кочани за сообраќајна несреќа, со смртни последици. Таа во текот на судскиот процес се жалеше на дискриминација поради нејзиното двојно државјанство и македонско и бугарско, односно дека не ѝ е дозволено да се лекува во соседна Бугарија. Нејзиниот татко Симеон Михаилов, исто така е избеган во Бугарија по пресудата од 12,5 години затвор за случајот Детонатор. Во моментов македонските власти имаат распишано меѓународни потерници и по Ива Михаилова и по Симеон Михаилов.
Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски за време на неодамнешната посета во Софија, во врска со случајот со Михаилова изјави дека Македонија е подготвена да дозволи бугарски медицински специјалисти да ја посетат и да се запознаат со здравствената состојба и лекувањето на Ива Михаилова. Тој нагласи дека случајот има два одделни аспекти – судската постапка, во која извршната власт не може да се меша, и здравствената состојба на Михаилова, за која, како што рече, македонските власти покажале подготвеност за соработка.



