Кирил Лазаров доби нов договор, останува селектор на Македонија
Ракометната федерација на Македонија соопшти дека е продолжена соработката со селекторот Кирил Лазаров.
Актуелниот предводник на Македонија доби нов договор кој ќе биде во важност до 2029 година.
На презентацијата на договорот се обрати претседателот на федерацијата Александар Стефанов, кој кажа:
„Официјално ја продолживме соработката со селекторот на нашата машка сениорска репрезентација, Кирил Лазаров, со договор до 2029 година. Веруваме дека континуитетот и стабилноста се клучни за напредокот на националниот тим и македонскиот ракомет во целина. Се надеваме на успешна и плодна соработка во наредниот период, во кој со заеднички труд, посветеност и јасна визија ќе продолжиме да остваруваме добри резултати и да го развиваме нашиот спорт“.
Освен него, свое кратко обраќање имаше и селекторот Кирил Лазаров.
„На заедничко задоволство ја продолживме соработката со Ракометната федерација на Македонија. Водењето на национален тим, поготово на својата земја, е голема чест и одговорност. Благодарен сум за укажаната доверба и поддршка. Пред нас е период исполнет со сериозна работа, јасни цели и високи очекувања. Со заеднички труд, дисциплина и целосна посветеност ќе продолжиме да работиме на напредокот на националниот тим и достоинствено претставување на Македонија, со фокус на стабилност и резултати на долг рок“, порача селекторот.
Македонија се подготвува за Европското првенство, а таму ќе игра против гигантот Данска, Португалија која е во налет и Романија.



