Каква тужба поднесува КСЗД за дискриминација на учениците кои немаат учебници?
Министерството за образование ќе заработи тужба за необезбедување учебници до стартот на школската година. Комисијата за спречување и заштита од дискриминација попладнево донесе одлука да поднесе тужба. Ќе треба врема истата да се подготви и неблагодарно е да се каже кога ќе биде доставена, вели заменик претседателот Јадровски, но уверува дека до крајот на годината сигурно ќе биде испратена. Се уште е рано да се каже дали само министерството ќе биде опфатено во истатата или ќе биде проширена и кон други институции или лица.
– Ние сега сме во фаза на изработка на Стратегија. Во моментов МОН ќе биде страната што ќе биде опфатена со тужбата како надлежно министерство. Дали ќе се прошири или не, не можам да кажам, изјави Игор Јадровски, заменик претседател на Комисија за заштита и спречување од дискриминација.
Тужбата опфаќа системска дискриминација, затоа што голем број ученици од основното образование наставата ја почнаа без учебници. Станува збор за 43, од вкупно 126 учебници или третина од потребните. Учебници имаат само учениците во прво и второ одделение.
– Актио популарис тужбата значи дека е од јавен интерес, опфатена е поголема категорија на луѓе и последиците од дискриминација се уште траат или можат да бидат од поголем обем. Станува збор за многу голем број на деца, на кои им е загрозено квалитетното образование, додава Јадровски.
Од Министерството за образование пак, велат дека навреме со почнати сите активности за изработка на учебниците.
„Министерството нема законски механизми да влијае на пријавувањето на повиците за авторски тимови и повиците за рецензенти за нов учебник по одреден предмет. А, секој неуспешен повик, повлекува негово повторување, нови рокови и одолговлекување на постапката. Во меѓувреме, се случува да се неопходни корекции во текстовите на предложените учебници, што, исто така води до пролонгирање на процесот. По рецензентската проверка, текстот на учебникот до конечното одобрување, треба да го помине и филтерот на 17-члената Национална комисија за учебници“, велат од МОН.
Кога ќе ги добијат учениците учебниците, се уште нема одговор. Инаку ова е трета година како наставата почнува без потребниот материјал.