ИЈЗ: Од петарди може да се загине и повреди, а опасен е и хемискиот состав
Институтот за јавно здравје денеска упати апел до граѓаните да не ги слават празниците со употреба на петарди затоа што тие можат да предизвикаат смртни последици или тешки повреди особено на ушите и очите, но и се предупредува дека опасен е и хемисикиот состав на пиротехниката и дека преку дишењето во телото влегуваат отрови.
„Славењето на новогодишните празници се чека со нетрпение и голема еуфорија. Понесени од атмосферата, за жал, многу често, особено детска и адолесцентска популација славењето е проследено со непрепорачана употреба на пиротехнички материјали.
Употребата на пиротехнички материјали има сериозни негативни јавно-здравствени последици. Можеби огнометите се атрактивни за гледање, но тие можат да бидат смртоносни кога се погрешно ракувани или злоупотребени, а воедно и штетни за животната средина. Имено, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) целосно ја поддржува кампањата ‘Петарди НЕ – безбедност пред сè’ и се вклучува со јавно-здравствени препораки за населението.
1. ПОВРЕДИ
Повредите поврзани со употребата на пиротехнички материјали остануваат високи, претворајќи ги многу прослави и весели моменти во непосакувана хоспитализација заради настанатите повреди и во најлош случај дури и смртен исход.
Деловите од телото кои најчесто се повредуваат со употребата на пиротехнички материјали се рацете и прстите заедно со главата, лицето и ушите, нозете и очите. Додека, изгорениците се најчестиот тип на повреда.
2. БОИ И МЕТАЛИ
Светлите бои во огнометот се создадени од прашкасти метални соли што производителите на пиротехнички средства ги додаваат на експлозивните огнометни школки. Бакарот произведува сина боја, бариумот дава зелена, а стронциумот ја создава црвената боја. Магнезиумот во прав обезбедува интензивно светли блесоци на бело – всушност, магнезиумот гори толку силно, што се користи и во воени светлечки блесоци. А многу често се наоѓа олово и други забранети хемиски супстанции.
3. ЗАГАДУВАЧКИ МАТЕРИИ
Чадот од употребата на пиротехнички материјали придонесува за загадувањето на воздухот. Азотот и сулфурот, кои се користат за создавање боја и специјални ефекти, можат да стапат во интеракција со кислородот и да формираат азотни и сулфурни киселини кои се многу тешки за белите дробови. Чадот од пиротехничките материјали обично се распаѓа во рок од неколку часа, но населението може да почувствува краткотрајни и долготрајни здравствени ефекти.
4. ПОКРАЈ ПОВРЕДИТЕ, ПОСТОЈАТ И ДРУГИ НЕГАТИВНИ ЗДРАВСТВЕНИ ЕФЕКТИ
Најзасегнати се децата, старите лица и лицата со респираторни или срцеви заболувања. Краткорочното изложување може да ја влоши некоја постоечка белодробна болест и/или предизвикувајќи астматичен напад и акутен бронхитис и зголемување на подложноста на респираторни инфекции. Кај луѓето со срцеви заболувања, краткотрајната изложеност на чад од употребата на пиротехнички средства е поврзана со срцев удар и аритмии.
И НЕ ЗАБОРАВАЈТЕ, НЕ САМО ЛУЃЕТО, СТРАДААТ И ЖИВОТНИТЕ
Институтот за јавно здравје, под мотото ‘Чувар на Вашето здравје’“, а грижејќи се и за здравјето на животната средина е против употребата на пиротехнички материјали. Но, сепак со оглед на недоволната свесност и недоволното почитување на позитивната законска регулатива од поедини лица кои немаат доволна свест за потенцијалниот ризик по здравјето на луѓето и животната средина, ги замолува да ги почитуваат следните препораки:
1. Бидете внимателни во изборот.
2. Водете сметка и за загадувањето на животната средина.
3. Употребата на пиротехнички материјали (огнометот) оставете на професионални лица односно организации.
4. Никогаш не дозволувајте малите деца да играат или да запалат пиротехнички материјали, вклучително и светки (прскалици).
5. Бидете во доволна близина од некој извор на вода (чешма со или без црево, кофа со вода, шише со вода и сл.) во случај на пожар или друга несреќа.
6. Во најмала рака, никогаш не користете односно не дозволувајте употреба на пиротехнички материјали додека сте вие или лицата околу вас под дејство на алкохол или дрога