Магазин

Интелигенцијата не е само образованието 

Многу луѓе мислат дека интелигентен човек е оној што многу читал, што добил добро образование (по можност хуманитарно), многу патувал, знае неколку јазици. Меѓутоа, може да се има сето тоа и пак да се биде неинтелигентен, а голема е можноста некој човек иако нема ништо од ова, сепак, да биде природно интелигентен. 

Образованоста не смее да се меша со интелигенцијата. Образованоста живее од стара содржина, а интелигенцијата од создавање нова, осветување на старото знаење како ново. 

Интелигенцијата, тоа не е само знаење, туку и способност да се разберат другите. Таа се манифестира во илјадници и илјадници мали нешта: во способноста да се негодува со уважување, да се однесува скромно на маса, во умеењето незабележливо (навистина незабележливо) да му се помогне на друг, да се чува природата, да не се фрла ѓубре околу себе – да не се пцуе и да не се даваат глупави идеи (тоа исто така е ѓубре, и тоа какво)! 

На рускиот север запознав селани кои навистина беа интелигентни луѓе. Тие одржуваа изненадувачка чистотија во своите домови. Знаеја да ги ценат добрите песни, умееја да раскажат интересна приказна која им се случила ним или на другите, водеа уреден живот, со разбирање се однесуваа кон туѓата тага и туѓата среќа. 

Интелигенцијата, тоа е способност за разбирање, за набљудување, тоа е толерантен став кон светот и луѓето. 

Д. С. Лихачов: Писма за доброто и убавото

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons