ИМА ЦВРСТ ИМУНОЛОШКИ БЕДЕМ КАЈ НАШЕТО НАСЕЛЕНИЕ: Професор Даниловски најпрецизно за „Кентаур“
Ширењето на новата подваријанта на Омикрон, односно брзата трансмисија на Кентаур предизвика загриженост меѓу експертската јавност ширум Европа, иако засега нема доволно детални податоци. Дали ова треба да не загрижи и нас во Македонија и дали ќе следи подраматичен период се прашања на кои одговори за Фактор даде епидемиологот, проф. д-р Драган Даниловски.
-Интересно е дека има мислења од експерти од САД дека БА.5 е „најопасната варијанта досега“, веројатно зашто има афинитет и кон белите дробови. Кај нас, пак, сведоци сме токму на спротивното. Иако, од една страна, имаме експоненцијален раст на бројот на нови случаи (кои се врв од „леден брег“ – претставуваат само просечно 2 проценти од реалниот број, според еден математички модел на Imperial College London), од друга страна, бројот на хоспитализации и починати лица е понизок во споредба со сите досегашни епидемиски бранови. Тоа укажува на постоење на цврст имунолошки бедем кај нашата популација – бедем кој ковид инфекцијата најчесто ја сведува на ниво на потешка настинка (што апсолутно не важи за непрележаните, невакцинираните и лица постари и со коморбидитети, пак ќе нагласам). Заради што, со висока веројатност, можеме да претпоставиме дека така ќе биде и со Кентаурот. Се разбира, само ако се покаже дека може да ги потисне варијантите БА.4/5., посочува професор Даниловски
Постојат ли веќе сознанија колку брзо се шири, дали ќе стане доминантна субваријанта и дали дава потешка слика од онаа што ја прави омикрон? Дали Кентаурот успешно го избегнува имунитетот стекнат од вакцината, па и од прележувањето на болеста?
Варијантата БA.2.75 – наречена „Кентаур“ – првпат беше откриена во Индија на почетокот на мај, а оттогаш е проширена во околу десет други земји, вклучувајќи ги Обединетото Кралство, САД, Австралија, Германија и Канада. Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) ја има означено како „варијанта под мониторинг“ на 7 јули, затоа што има индикации дека може да биде попренослива од БА.4/5. Покрај нејзиното брзо ширење, загрижува големиот број мутации, кои се побројни, во споредба со БA.2, од која најверојатно еволуирал новиот сој. Дури и ако Кентаур не стане доминантна подваријанта во светот, примерот со нејзиното ширење во Индија сугерира дека, најверојатно, таа таму ќе претставува проблем, заради релативно малата застапеност на БА.5.
Повеќе на faktor.mk