Магазин

Зошто никогаш не треба да спиете на стомак? 

Експертите предупредуваат на сериозни здравствени ризици.

Сè повеќе експерти алармираат дека спиењето на стомак е најмалку препорачлива положба за спиење, бидејќи може да има сериозни последици по здравјето на ‘рбетот, зглобовите и дури и дишењето.

Д-р Шерил Литго од Benenden Health истакнува дека спиењето на страна или на грб е далеку подобра опција, особено за оние кои рчат или страдаат од апнеја при спиење.

„Позициите за спиење кои вршат прекумерен притисок врз ‘рбетот, како што се лежење на стомак или свиткување во тесна фетална положба, доведуваат до непријатност. Овие позиции често доведуваат до неправилно порамнување на ‘рбетот и зголемен притисок врз вратот и долниот дел од грбот, што потенцијално резултира со хронична болка и нарушени модели на спиење“, предупредува таа.

Кога спиете на стомак, тежината на телото го нарушува природното порамнување на ‘рбетот, а главата е свртена на страна за да може да се дише. Оваа позиција создава долготраен притисок и ротација на вратот, што може да доведе до вкочанетост, болка, па дури и до сериозни проблеми како хернија на вратниот диск. Дополнително, притисокот врз градната кошница може да го отежне дишењето, особено кај лица со астма или спиечка апнеја.

Физикалниот терапевт Џордан Дехара советува дека за ублажување на болките во зглобовите и грбот, најдобро е да се спие на страна во фетална положба со перница меѓу колената или на грб со перница под колената. Ова помага да се намали оптоварувањето на лумбалниот ‘рбет и колковите, а истовремено ја одржува природната крива на ‘рбетот. Тој, исто така, ја нагласува важноста на изборот на вистинската перница за поддршка на главата и вратот.

Спиењето на стомак не само што го зголемува ризикот од болки во грбот и вратот, туку може да предизвика и вкочанетост и болка во рамената и колковите, бидејќи зглобовите и мускулите се изложени на неприроден притисок. Притисокот на лицето врз перницата, пак, може да доведе до појава на брчки и иритации на кожата.

Особено е важно да се напомене дека оваа положба е строго непожелна за трудници, бидејќи дополнителниот притисок врз матката може да го ограничи протокот на крв. Кај новороденчиња, спиењето на стомак е забрането поради зголемениот ризик од синдром на ненадејна смрт кај доенчиња (SIDS).

Ако не можете да се одвикнете од спиење на стомак, експертите препорачуваат да користите тенка перница или да спиете без перница за да го намалите аголот на вратот, како и да ставите мала перница под карлицата за дополнителна поддршка на долниот дел од грбот.

Најдобриот совет од стручњаците е да се обидете да ја смените вашата положба за спиење – спиењето на страна или на грб, со соодветна поддршка од перници, значително го намалува ризикот од болки и долгорочни проблеми со ‘рбетот и зглобовите, а придонесува и за поквалитетен и подлабок сон.


Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons