Земјоделците бараат повисока откупна цена за јачменот
Незадоволителни приносите од жетвата на јачмен во Штипско-Карбинскиот регион. Земјоделците велат дека, откупната цена во споредба со минатогодишната треба двојно да се зголеми, за да успеат да ги покријат производствените трошоци.
- Се е скапо, а слабо производство. Пропаѓаме и повеќе мислам дека нема ни да сееме. Лани се откупуваше по 10 до 12 денари, а годинава не знам колку ќе биде, но под 20- 25 денари не треба да биде – изјави земјоделец од с.Аргулица, Карбинско.
- Под 25 денари не смее да биде само за да ги покриеме трошоците, а нема никаква печалба-изјави земјоделец од с.Карбинци.
Енормниот раст на цената на нафтата се одрази и врз трошоците кои земјоделците треба да ги издвојат за жетва.
- Лани беше 500 денари од декар или 5000 денари од хектар- изјави земјоделец од с. Аргулица, Карбинско.
- За комбајн ќе се плаќа по 1000 денари од декар, 10 000 од хектар за жетва. Каде го има тоа, кој земјоделец ќе го издржи, изјави земјоделец од с.Карбинци.
За скоро 3 пати е зголемена цената на вештачките ѓубрива.
- Лани најскапото ѓубриво беше 1000 денари, а сега истото тоа се продава по цена од 3200, а има и за 2750 и 2800 денари- изјави земјоделец од с.Карбинци.
Поради долгиот сушен период родот потфрли и се очекува да има максимален принос од 2 тони јамен по хектар ожнеана површина. За една недела треба да започне и жетвата на лебното зрно, кое годинава ќе има уште поредуцирани приноси.