За викендот 1.415 сообраќајни прекршоци, 58 лица приведени за безобѕирно возење
Засилените сообраќајни контроли на патиштата низ земјава продолжуваат да откриваат голем број прекршоци кај возачите. Во текот на изминатиот викенд полицијата регистрирала вкупно 1.415 прекршувања на сообраќајните правила, а 58 лица биле лишени од слобода поради безобѕирно управување со возило.
Според податоците од Министерството за внатрешни работи, најголем дел од санкциите се однесуваат на непочитување на ограничувањето на брзината, објави 4news.mk Од вкупниот број издадени платни налози, 298 прекршоци биле за возачи кои возеле побрзо од дозволеното.
Во рамки на контролите, полицијата привела седум лица кои управувале возило под дејство на алкохол, додека 28 лица биле лишени од слобода поради возење без возачка дозвола. Воедно, од сообраќај биле исклучени и одземени 23 возила согласно член 300-б од Кривичниот законик.
Меѓу останатите прекршоци, евидентирани се 199 случаи на неправилно паркирање и 47 возачи кои управувале возило под дејство на алкохол.
Полицијата санкционирала и 125 мотоциклисти кои не носеле заштитен шлем, како и 183 учесници во сообраќајот кои не користеле сигурносен појас.
Дополнително, согласно Законот за возила, од сообраќај биле отстранети 18 нерегистрирани возила и 12 возила поради техничка неисправност, објави 4news.mk Казнети се и тројца возачи поради непочитување на правилата за затемнување на стаклата на возилата.
Од МВР најавуваат дека сообраќајните контроли ќе продолжат и во следниот период, со апел до возачите да ги почитуваат правилата и да придонесат за поголема безбедност на патиштата.



