Затворени се шест научни институти, се проверуваат акредитациите и на државните и на приватните универзитети
Со одлука на Министерството за образование и наука (МОН) досега се затворени шест приватни научни институти во Македонија, а тоа се Институтот за бизнис економија во Скопје, Институтот за геобиологија, археологија, подземни води и екологија во Скопје, Институтот за мода Фешн дизајн од Тетово, Институтот за одржлив развој и управување со климатски промени МИЛИЕУКОНТАКТ МАКЕДОНИЈА, Институтот за наука, алтернатива, култура и уметност – Скопје и Институтот за научни истражувања – ЛАОР Тетово. Причината за оваа одлука е неисполнување на основните законски услови и неактивност.
Од МОН информираат дека и 15 други институти добиле насоки за подобрување на нивните активности во рок од три месеци. После тоа и за нив може да следува одлука за затворање.
Причините за затворање на приватните институти се неактивност во текот на подолг временски период и неисполнување на основните критериуми за работа, односно немале соодветен научен кадар, истражувачи со висок степен на образование – докторанти и магистри, како што налага Законот за научно-истражувачка дејност.
Од МОН велат дека ова е дел од напорите да се унапреди квалитетот на научната дејност во земјата и да се елиминираат неправилностите кои влијаат на кредибилитетот на образовниот систем. Во неколку државни универзитети веќе се одземени неправилно стекнати звања и одредени луѓе се отпуштени од работа.
„Научните институти мора да имаат јасни програми за работа, редовно да објавуваат резултати и да ги покажат ефектите од своите истражувања. Важно е да се подигне нивото на стручност и квалитет во овие установи за да се овозможи подобар развој на науката и иновациите во Македонија“, вели министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Министерството за образование продолжува со мониторинг на изборите на кадар и процесите на акредитација и на приватните и на државните универзитети. Во последниве месеци утврдени се нерегуларности во изборите на академски звања на некои државни универзитети.