Започнува Соборот на СПЦ, се очекува став за разговорите со МПЦ-ОА 

Со свечености во Сремски Карловци денеска ќе започне седница на Соборот на Српската православна црква (СПЦ), додека работниот дел треба да продолжи во Белград, по што се очекува да биде соопштено до каде е дојдено во разговорите со Македонската православна црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА).

Како што јави дописникот на МИА од Белград, поглаварот на Српската православна црква, патријархот Порфириј, денеска со владиците ќе отслужи литургија во Соборниот храм „Свети отец Николај“ во Сремски Карловци, а нешто подоцна ќе се одржи и прослава по повод стогодишнината од обновата на Српската патријаршија.

Годишната седница на Соборот на СПЦ редовно се одржува во мај и на неа присуствуваат владици од Србија и странство. На Соборот се одлучува со мнозинство гласови, а гласот на патријархот е пресуден само кога тој однос е изедначен, но добива на тежина со неговиот личен авторитет. На крајот од седницата Соборот издава соопштение за донесените одлуки, но не се исклучени и соопштенија во текот на нејзиното одржување за некои особено важни прашања.

Како што пренесуваат српските медиуми, јавност во Србија на почетокот на неделава од македонските медиуми дознала за „тајни разговори меѓу СПЦ и МПЦ-ОА“, но и дека вселенскиот патријарх Вартоломеј ја призна нашата Црква за канонска „под името Охридска архиепископија“. Сепак, како што посочуваат белградските медиуми, конечниот статус на МПЦ-ОА „допрва треба да се утврди“, а разговорите на црковната релација Белград – Скопје продолжуваат.

Според српските медиуми, со својата одлука „за канонско признавање на Охридската Архиепископија“, патријархот Вартоломеј дејствувал како „прв по чест“ кој ги решава недоразбирањата меѓу црквите и дека преку признавањето на МПЦ за канонска „сака да ги преземе нејзините епархии во странство“.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons