Законот за помилување помина на владина седница
На денешната владина седница е утврден текстот на предлог-законот за помилување кој е на предлог на Министерството за правда, а на кој се работеше подолг период.
Една од најзначајните измени во законот е тоа дека претседателот на државата ќе може да помилува само лица кои се правосилно осудени и на кои веќе им е одредена казна, но не и оние што се предмет на кривично гонење.
Дополнително, посочуваат од Владата, со измените се предвидуваат и рокови за постапување на учесниците во постапката за помилување поради честите проблеми од аспект на неопходност од итност на постапката.
„Меѓу другото, се врши и терминолошко усогласување на одделни називи и поими. Односно, се уредуваат поимот и видовите помилување, дејството на помилувањето, лицата овластени за поднесување молба за помилување, како и постапката и актите на надлежните органи во врска со помилувањето. Исто така, се разработува постапката за помилување, при што клучни се и одредбите за одговорност на лицата кои постапуваат по предметите, како и на нивните претпоставени“, се додава во соопштението на Владата.
Причините за носење на нов закон за помилување, како што посочуваат од Владата, произлегуваат од недостатоците и правните празнини во актуелниот Закон од аспект на неговата практична примена.