ЕУ ја блокираше Унгарија, замрзнати ѝ се 22 милијарди евра
Европската комисија соопшти дека ќе ги замрзне кохезиските фондови на Европската Унија наменети за Унгарија во вредност од 22 милијарди евра. Мерките ќе бидат на сила сè додека унгарската влада со Виктор Орбан на челото не ги исполни условите кои се однесуваат на независноста на правосудството, академските слободи, правата на ЛГБТ популацијата и политиката за азил, пренесува Ројтерс.
Институциите на ЕУ на 12 декември одлучија да замрзнат 6,3 милијарди евра средства додека владата на Орбан не исполни 17 услови поврзани со правосудството и корупцијата присутна во високите нивоа на власта.
Кохезиските фондови на ЕУ наменети за Унгарија се дел од долгорочниот буџет на ЕУ од 2021 до 2027 година. Средствата се доделуваат и во рамки на залагањата за изедначување на животниот стандард меѓу најбогатите и најсиромашните членки на Унијата, односно се исплаќаат како надомест за веќе потрошените средства на договорени цели.
„Сè додека условите не бидат исполнети, Комисијата не може да ги надомести трошоците кои ги побарува Унгарија“, кажа портпаролот на Комисијата Стефан де Керсмекер.
Унгарија требало да потроши дваесет и две милијарди евра за програми кои вклучуваат образование на сиромашните деца, унапредување на железничкиот сообраќај, како и помош за регионите во кои се затворени термоцентралите.
Ројтерс истакнува дека пречките која Унгарија треба да ги надмине за да ги добие средствата се контроверзниот закон против пропагирање на идеологијата на ЛГБТ во училиштата, потоа загрозените академски слободи и правото на азил.
„Унгарија не ја почитува Повелбата на ЕУ за основните права“, кажа портпаролот на Европската комисија.
Будимпешта и Брисел се долго во судир околу владеењето на правото, корупцијата, третманот на сексуалните малцинства, образованието и миграциската политика.
Покрај кохезиските фондови, Европската Комисија блокира и 5,8 милијарди евра донации на Унгарија од ЕУ фондовите за заздравување.