ЕУ и Велика Британија постигнаа привремен договор за одбрана
Европската унија и Велика Британија постигнаа прелиминарен договор за одбрана и безбедност, рибарство и мобилност на младите пред самитот ЕУ-Велика Британија во понеделник, отворајќи го патот за учество на британските компании во големи европски одбранбени договори, соопштија претставници на ЕУ.
Претставници на европските влади во Брисел добија текст за заедничките позиции на Велика Британија и ЕУ, а документот сега треба да биде одобрен од сите 27 влади на земјите-членки на Унијата, соопштија официјални лица.
Британскиот премиер Кир Стармер и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен, и претседателот на Европскиот совет Антонио Коста, ќе се сретнат во Лондон подоцна во понеделник.
„Колку што разбирам, сите земји-членки се задоволни од она што е на маса пред самитот“, изјави европски дипломат, кој сакаше да остане анонимен.
„Во тек е писмена постапка за официјално прифаќање од сите земји-членки, но тоа не би требало да претставува тешкотија“, додаде тој.
Обединетото Кралство е подготвено за најзначајното ресетирање на односите со Европската Унија откако го напушти блокот, барајќи поблиска трговска и одбранбена соработка за да се поттикне економски раст и да се зајакне безбедноста на континентот.
„Со позитивните знаци што доаѓаат од преговарачите во Лондон во последните денови и часови, сè е подготвено за многу успешно и конструктивно ресетирање на односите, од што корист ќе имаат и ЕУ и Велика Британија“, рече дипломатот.