Ердоган: Мицотакис за мене веќе не постои! 

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска рече дека грчкиот премиер „повеќе не постои“ за него по забелешките и критиките на Киријакос Мицотакис кон Турција за време на неговата неодамнешна посета на Соединетите Држави.

Ердоган рече дека грчкиот премиер Киријакос Мицотакис повеќе не постои за него откако ги посети Соединетите Држави и го обвини Мицотакис дека се обидел да ја блокира продажбата на борбени авиони Ф-16 на Турција, пренесоа турските медиуми.

За време на неговата посета на Вашингтон минатата недела, Мицотакис на заедничката седница на Конгресот предупреди да не се поддржува предложената воена продажба на Бајден за Турција, тврдејќи дека таквиот потег може да создаде дополнителна нестабилност во регионот.

„Се договоривме да не вклучуваме трети земји во нашиот спор со него. И покрај тоа, минатата недела тој ги посети САД и разговараше во Конгресот и ги предупреди да не ни даваат Ф-16“, рече Ердоган на прес-конференција по неделната владина седница.

„Тој за мене веќе не постои. Никогаш нема да се согласам да се сретнам со него. Ќе го продолжиме нашиот пат со чесни политичари“.

Турскиот претседател денеска рече и дека Анкара наскоро ќе почне нови воени операции долж нејзините јужни граници за да создаде безбедни зони длабоки 30 километри за борба против „терористичките закани” од овие региони.

„Главната цел на овие операции ќе бидат областите што се центри за напади на нашата земја и безбедни зони“, рече Ердоган, без да наведе детали.

Ердоган рече дека операциите ќе бидат почнати веднаш штом војската, разузнавачките и безбедносните сили ќе ги завршат подготовките.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons