ЕПИДЕМИОЛОГОТ КОРОВЕШОВСКА, „КРЛЕЖОТ НИКАКО НЕ СМЕЕТЕ САМИ ДА ГО ВАДИТЕ“: Не е само хеморагичната треска, пренесуваат и други опасни заболувања
Македонската јавност не е мирна по вториот потврден случај на конго-кримска хеморагична треска, вирус кој го пренесуваат крлежите. Повозрасните скопјани ја паметат првата епидемијата од 1971 година кога две лица од тетовско починале како последица од заразната болест.
-Тоа беше првата епидемија на оваа болест, пред точно 52 години. Јас сум веќе 10 години во пензија но добро се сеќавам на ангажманот кој го имавме. Бев вработена во Градскиот завод за здравствена заштита, сега се вика Центар за јавно здравје на Град Скопје. Во екот на таа епидемија од конго-кримската хеморагична треска починаа две лица од тетовското село Чифлик, и иако ситуацијата брзо беше ставена под контрола, алармот беше на највисоко ниво. Искрено се надевам дека овој пат нема да ни се случи нова епидемија, вели за Фактор Нена Стојановска, пензионирана лаборантка во Центарот за јавно здравје-Скопје.
Ставот на Стојановска дека најголемата грешка на граѓаните е тоа што самите се обидуваат да го извадат крлежот кој веќе се закачил за кожата го дели и нашата втора соговорничка, д-р Јованка Стурлакова- Коровешоска, специјалист епидемиолог во ЈЗУ Центар за јавно здравје Охрид.
-Многу е важно крлежот да се извади што побрзо зашто така се намалува ризикот од можна инфекција. Но, уште поважно е граѓаните да не го прават тоа во домашни услови. За смртниот случај што го имаме сега во Македонија, токму од оваа конго-кримска хеморагична треска, вирусно заболување од кое почина младата 27-годишна жена од штипско по каснување од заразен крлеж, е тоа што, како што беа информациите во јавноста, е дека крлежот е изваден во домашни услови. Тоа не треба да се прави дома. Треба да се отстрани во лекарска ординација, амбуланта, значи здравствена институција. А луѓето ставаат масло, го вртат крлежот во обратна насока од стрелките на часовникот, и на тој начин може само повеќе да си наштетат. Дел од крлежот останува во кожата, а и доколку не е заразен може да направи инфекција и потоа да биде потребна хируршка интервенција, вели епидемиологот Коровешоска.
Според неа, доколку овие паразити кои се хранат со крвта од домаќинот се заразни може да пренесат сериозни болести, односно вирус или бактерија.
-Конго-кримска хеморагична треска е вирус и смртноста е дури 40 проценти. Но, освен овој опасен вирус, тие може да предизвикаат воспаленија на мозокот или на мозочните обвивки. Најпозната бактериска болест која ја пренесуваат крлежите е борелија, односно лајмска болест или лајмска треска која се појавува за една до четири недели од каснувањето на крлежот. Многу тешко може да се открие бидејќи симптомите кои ги дава се слични на оние кои се карактеристични за грипот: сувост на грлото, главоболки, треска, болки во зглобовите и во мускулите, зголемени лимфни жлезди, посочува д-р Коровешоска и уште еднаш потенцира дека токму заради ова е од особена важност луѓето кај кои е закачен крлеж веднаш да се јават на лекар.
Истовремено вели дека последните години се поголем е бројот на граѓаните кои чуваат домашни миленици, кучиња и мачки, заради што од исклучителна важност е и тие да бидат заштитетни со посебни препарати за крлежи секако во совет со ветеринарите.
Што се однесува пак до луѓето, особено оние кои шетаат со нивните миленици во природа, но и оние кои пешачат низ шумски предели каде што има трева треба да имаат соодветна облека и секогаш чорапите да бидат ставени над ногавиците од тренерките, хеланките и слично.
-Тоа е најдобтата заштита од каснување од крлеж и секако по неколкучасовен престој во природа секој од нас треба да си направи комплетна прижоверка на телото, посебно под пазувите, вратот, нозете, стомакот, вели епидемиологот Коровешоска.
Анита БуховскиФОТО: Unsplash/Erik Karits