Свет

Европските аеродроми укажуваат на недостастоци во системот ЕЕС за влез во ЕУ

Поради проблеми со новиот систем за влез и излез од Европската Унија (ЕЕС), патниците на европските аеродроми летово одморот би можеле да им го расипе тоа што засега најмногу ги плаши – редиците и чекањата на пасошка контрола, пишува денес германскиот „Ханделсблат“.

Особено во јули и август времето на чекање би можело да биде до четири часа, предупредија Меѓународниот совет на аеродромите – ACI, Здружението на европските авиокомпании – A4E и Меѓународното здружение на авиокомпаниите во заедничко писмо упатено до еврокомесарот за внатрешни работи, Маркус Брунер.

Раководителот на аеродромот во Минхен и претседател на ACI, Јост Ламерс, изјави за „Ханделсблат“ дека последиците од новиот систем за влез во ЕУ веќе се чувствуваат и дека некои земји пријавиле проблеми „поради долгите чекања“ на аеродромите и „ИТ- проблеми“.

„Тоа е многу амбициозен проект, а сè уште сме во месеците со низок број на патувања. Летото е пред врата“, рече Ламерс.

Системот за влез/излез во шенген-зоната – ЕЕС беше лансиран во октомври минатата година, а потоа последователно беше воведен во сите земји членки на ЕУ. ЕЕС треба автоматски да ги регистрира сите лица што влегуваат во ЕУ од трети земји.

На аеродромите системот функционира така што кога патникот што влегува во ЕУ оди до машина, таканаречен киоск, го става својот биометриски пасош, а потоа машината го фотографира и му зема отпечатоци од прсти, кои ги споредува со податоците од пасошот. Системот во сите земји членки на ЕУ треба да биде целосно оперативен до април, пишува „Ханделсблат“.

Меѓутоа, некои земји доцнат, а причината се и технички проблеми и недостиг на човечки персонал, напишаа во писмо здруженијата ACI, A4E и IATA.

Во случај автоматската контрола да не успее, патникот мора да чека на класичната пасошка контрола, а поради недостиг на службеници, повторно се создаваат долги редици, пишува „Ханделсблат“.

Проблемот, според дневниот весник, е недоволната примена на апликацијата „Ајде да патуваме во Европа“ од страна на Европската агенција за гранична контрола – Фронтекс.

Мобилната апликација им овозможува на патниците од трети земји однапред да извршат добар дел од биометриската пасошка контрола и да го скратат времето на преминување на границата, но во моментот само Шведска ја користи оваа апликација на своите граници, пишува „Ханделсблат“.

Наведувајќи дека подобрата гранична безбедност е целосно оправдана цел, Ламерс рече дека воведувањето на ЕЕС-системот мора да оди побргу и со подобро искористување на сите потенцијали за дигитализација.

Тој процени дека ЕУ би можела да го примени новиот систем пофлексибилно до крајот на октомври, со откажување од целосно читање на биометриските податоци на патниците во одредени ударни термини.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons