Дрвокрадството во пораст
Дрвокрадството во Југоистокот од државата бележи пораст. Само во периодот август, септември и октомври регистрирани се 38 случаи на бесправна сеча, транспорт и продажба на огревно дрво. Во истиот период биле запленети и 25 возила со кои дрвокрадците прават транспорт на дрвната маса. Најголемиот дел од нив биле откриени на шумски терен во регионот, но надлежните служби регистрирале и случаи во кои бесправно исечените дрва им се испорачуваат на физички лица. Дека дрвокрадците се активни на терен потврдуваат и од СВР Струмица од каде во последните три месеци бележат зголемување на ефикасноста во откривањето на овие лица.
,,Во наведениот период во 38 случаи од физички лица жители на општините кои се во надлежност на овој сектор биле одземени 132.6 м/3 огревни дрва без соодветна документација, 8 патнички моторни возила, 6 запрежни возила, 5 товарни возила, 4 трактори, 2 приколки и 3 моторни пили.
Во истиот период од 2022 година биле одземени 80.9 м/3 бесправно исечени огревни дрва, 6 патнички моторни возила, 3 запрежни возила, 2 трактори, 4 приколки и 1 товарно возило.,, вели м-р Александра Трајанова портпарол на СВР Струмица
Во два случаи реализирани во месец октомври на подрачјата на Струмица и Радовиш се констатирани кривични дела, за кои по документирање на истите ќе бидат поднесени соодветни пријави до надлежните обвинителства, а во останатите случаи надлежна за поведување на постапка sпрема прекршителите е шумска полиција.