Свет

Додик не планира да се повлече

Претседателот на Република Српска Милорад Додик објави дека нема намера да се повлече и дека ентитетот што го раководи ќе одговори по конечната пресуда со која е осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за политичка активност. „Никој не може да ја поништи волјата на народот. Република Српска има сила за политички одговор, бидејќи ако не го стори тоа, над неа се надвива голема опасност “, напиша Додик на својот профил на социјалната мрежа Икс во неделата.

Тој ги повика граѓаните на Република Српска да се обединат, да го зачуваат мирот и стабилноста. Не појасни какви одлуки би можеле да донесат властите на Република Српска, но најави одржување на Народното собрание на тој ентитет. Милорад Додик, кој беше правосилно осуден, повтори дека одлуката на Судот на Босна и Херцеговина е неправедна и политички мотивирана.

Високиот меѓународен претставник и Делегацијата на Европската Унија повикаа на почитување на одлуката на Судот на Босна и Херцеговина, а лидерот на најголемата Бошњачка партија за демократска акција (СДА), Бакир Изетбеговиќ, изрази сомнеж дека Додик ќе се повлече од политичката сцена, дури и по пресудата.

„Доколку му дозволат да остане на чело на СНСД, ќе се потврди дека сè што видовме беше само претстава за јавноста“, кажа Изетбеговиќ. Тој додаде дека Додик ќе продолжи со нападите врз државата БиХ доколку продолжи да врши политичка или јавна функција во Република Српска

Поддршка за Додик испрати премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, кој изјави дека Унгарија нема да ја признае пресудата на Судот на Босна и Херцеговина.

„Претседателот Додик останува избран претставник на Србите што живеат во Босна и Херцеговина и ние ќе ја обликуваме нашата политика соодветно“, рече Орбан.

Тој ја оцени пресудата како политичка „бидејќи Додик не ги спроведе одлуките што дојдоа од Европската Унија“, објавија медиумите во Република Српска. Во петокот, Апелацискиот совет на Судот на Босна и Херцеговина ја потврди првостепената пресуда против Милорад Додик за непочитување на одлуките на високиот претставник на Западот Кристијан Шмит.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons