ДНК од пештера откри непознат народ: Живееле во Ладак пред 1.500 години
Научниците открија целосно непозната древна популација која пред околу 1.500 години живеела во Ладак, на северот на Индија.
Анализата на ДНК од остатоци пронајдени во пештерата Аби Срињамо Бао покажа дека овие луѓе имале речиси совршен сооднос на јужноазиско и тибетско потекло – по 50 проценти.
Истражувањето, објавено во списанието „Саенс адвансис“, се базира на остатоци од десет единки пронајдени во 2021 година во пештера на надморска височина од околу 4.000 метри.
Научниците со помош на радиоактивен јаглерод ја утврдиле староста на остатоците, а потоа нивната ДНК ја споредиле со генетските податоци на древните и современите популации.
Резултатите покажаа дека оваа древна група била поврзана и со жителите на северна Индија и со старите Тибетанци.
Математичките модели откриле дека мешањето на овие две популации започнало пред околу 2.800 години, долго пред да живеат пештерските луѓе.
Иако нема пишани записи за нив, ДНК-анализата покажува дека оваа заедница не исчезнала, туку оставила генетско наследство кај денешните хималајски народи, вклучувајќи ги Минеро и Балта во Ладак.
Ладак со векови бил природна раскрсница меѓу Јужна Азија, Тибет и Централна Азија, преку која минувале важни трговски патишта.
Археолошките наоди, како што се петроглифите и грнчаријата, претходно укажуваа на контакти меѓу различни култури, но немало директни генетски докази за тогашните жители на ова подрачје.
Новото откритие дава важен увид во историјата на Хималаите и покажува како древните народи оставиле свој белег врз гените на денешните жители на регионот.



