ДКСК: Балансерот при вработување во јавниот сектор не функционира

Балансерот при вработување во јавниот сектор не функционира или да се донесе алатка за контрола или да се укине.


Членот на ДКСК Нури Бајрами, посочи дека овој предмет е оформен по службена должност по оглас објавен на 23 март 2022 година од ДКСК за вработување на 13 административни службеници, на кој двајца кандидати се изјасниле како припадници на етничка заедница како што се бара во огласот, иако биле свесни дека припаѓаат на друга етничка заедница.

Од анализата на целокупната документација на објавениот јавен оглас се констатира дека кандидатот П.Б. аплицирал и бил уреден кандидат на пет работни места од кои според балансерот на три е предвидено вработување на Македонци, на едно Албанец и на едно Ром, додека кандидатот А. Р. аплицирал и бил уреден кандидат за работно место кое според балансерот е предвидено за Турчин, додека во евиденцијата на Агенцијата за вработување лицето П.Б. во делот на националност е заведено како Македонец, додека лицето А.Р. е заведено како Албанец.

– ДКСК утврди дека се основани и потврдени наводите за сомневање дека кандидатот П.Б. и А.Р. со цел остварување лична корист – вработување во ДКСК пријавиле различен податок за припадноста на етничката заедница во електронската пријава за вработување во објавениот оглас, споредено со податокот за припадноста во Агенцијата за вработување, изјави Бајрами.

Ова, посочи Бајрами, става сенка на сомнителност на сите вработувања според балансерот, додека тоа што не е воспоставен начин за вршење на проверката не ги амнестира кандидатите со лажни етнички припадност.

Членот на ДКСК Горан Трпеновски, ги повика и Собранието и сите политички чинители да размислат дали е време да се укине балансерот, посочувајќи дека пописот е направен, отворени се универзитети и ситуацијата не како порано, да мора да има квоти.

– Значи сите ние ќе се пријавиме на пет-шест различни националности и никој ништо не ти може. Затоа поддржувам укинување на балансерот и да се размисли да нема повеќе квоти. Време е квалитетот да дојде на сцена, изјави Трпеновски.

Според Катица Николовска, крајно време е да се направи нешто за ова, бидејќи ситуацијата со вработувањата кај нас го девалвира човековото достоинство, за да мора да направи некои отстапки за да влезе на работа, иако како што рече, со Устав е загарантирано правото на еднаквоста при вработување.

Софка Пејовска Дојчиновска, член на ДКСК, посочи дека балансерот можеби на почетокот кога е воспоставен бил алатка на правична застапеност, но очигледно станал своја спротивност.

– Мислам дека не треба да ги амнестираме, односно треба да ги повикаме носителите на јавни функции кои не верувам дека не знаат или знаеле дека во нивните институции се пријавуваат односно се примаат луѓе кои имаат дадено лажен податок за својата национална припадност. Да не ги оставиме на раат дека тие не се ништо, дека ете луѓето се пријавуваат, изјави Пејовска Дојчиновска.

Шемши Салаи, член на ДКСК, посочи дека балансерот треба или да се уреди или да се укине, но дека поголема одговорност е на самата институцијата што дозволила оваа постапка да се спроведе, отколку од самите лица кои, како што рече, од мака се пријавиле само за да се вработат.

– Тука треба да се преиспита одговорноста на самата Агенција за в работување и другите институции кои молчеле и дозволиле лицата да се вработуваат, изјави Салаи.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons