ДЗР: Приватните лабаратории ќариле 19,9 милиони евра од ПЦР тестови
За три години, од граѓаните во приватното здравство, само за ПЦР тестови се прелеани најмалку 19,9 милиони евра, открија ревизорите од Државниот завод за ревизија во објавениот извештај за работењето на Фондот за здравствено осигурување.
Ревизорите како клучни слабости на системот ги посочуваат и неажурираната листа на лекови кои паѓаат на товар на ФЗО. Исто така во 2021 година реализиран е значајно помал број на услуги од договорениот надоместок, поради што 106 од вкупно 116 јавни здравствени установи имаат добиено статус на неодржливи, се вели во извештајот.
Инаку, како што наведуваат од ДЗР, во ревизорскиот извештај е изразено мислење со резерва во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива за 2021 година.
Предмет на ревизијата беа финансиските извештаи на ФЗО заедно со ревизија на усогласеност за 2021 година, а целта да се добие разумно уверување дали финансиските извештаи се ослободени од материјално погрешни прикажувања и дали активностите и трансакциите се во согласност со законската регулатива.
Ревизорите утврдиле слабости во спроведувањето на интерните и теренските контроли при потврдувањето на објективноста на фактурираните услуги.
-Ревизорите во извршената ревизија констатираат слабости во контролите при препишување и издавање лекови, непочитување на роковите при вршењето на контролите и изрекувањето на договорните казни, поради невоспоставени контроли исплатувани се надоместоци за боледување и кога осигурениците остварувале плата, како и слабости при утврдување и контрола на реализација на условен надоместок на ЈЗУ, велат од Државниот завод за ревизија.
Како клучни препораки ДЗР ги посочува воспоставувањето систем на планирање, следење и редовно вршење контрола на видот и обемот на извршените здравствени услуги и издадени рецепти.
Дел од препораките се и доуредувањето на постапката и воспоставување контроли при исплатата на надоместоците за боледување и зајакнување на контролите кај условниот надоместок.
– Добиено е Известување на Нацрт извештајот при што е констатирано дека претставува известување/објаснување во однос на утврдените состојби, се наведува во соопштението.