Денеска одлучувам за договор со Иран, рече Трамп
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека денеска ќе донесе одлука за можен договор со Иран за продолжување на прекинот на огнот, кој би морало да вклучи отворање на Ормускиот Теснец и демонтирање на капацитетот на Техеран за производство на нуклеарно оружје, објави „Ројтерс“.
— Сега ќе имам состанок во Ситуациската соба за да донесам конечна одлука — рече тој, мислејќи на кризниот центар во Белата куќа за следење глобални кризи.
Извори претходно изјавија дека е можно да се постигне договор за продолжување на примирјето, кое е во сила од почетокот на април, за уште 60 дена, со цел повторно да продолжи транспортот на нафта и гас низ стратешкиот воден пат, додека преговарачите се занимаваат со тешки прашања како иранската нуклеарна програма.
— Иран мора да се согласи дека никогаш нема да има нуклеарно оружје или бомба. Ормускиот Теснец мора веднаш да биде отворен, без такси, за неограничен поморски сообраќај во двете насоки — рече Трамп, додавајќи дека нуклеарниот материјал ќе биде „откриен“ од САД.
Висок ирански извор за „Ројтерс“ изјави дека е постигнато политичко разбирање за војната, но дека тоа сè уште не е финализирано.
Иранската агенција „Фарс“, повикувајќи се на извори, оцени дека изјавите на Трамп содржат делумно точни, но и неточни тврдења, претставувајќи ги како обид Вашингтон да прикаже победа што, според Техеран, не е договорена.
Агенцијата наведува дека Ормускиот Теснец би бил отворен по укинување на американската блокада врз иранските бродови, но според услови што ќе ги утврди Иран, а не САД.
Во наводниот меморандум, според „Фарс“, нема обврска за уништување нуклеарни материјали, но е предвидено ослободување 12 милијарди долари замрзнати ирански средства.
Војната, започната од САД и од Израел на 28 февруари, досега однела илјадници животи, главно во Иран и во Либан, и ја потресе глобалната економија преку раст на цените на енергенсите.
Иран бара и укинување на санкциите, повлекување на американските сили и прекин на израелската офанзива во Либан.



