Дел од украинските бегалци во земјава ќе го изучуваат македонскиот јазик
Неколку семејства од бегалците од Украина кои најдоа засолниште во Македонија ќе почнат или веќе почнале да го изучуваат македонскиот јазик, со помош на Црвениот Крст.
Учењето на македонскиот јазик е можност која претходно ја добивале и бегалците од други земји. Сузана Тунева Пауновска, секретар во Црвениот Крст на Град Скопје вели дека онаму каде што има интерес за учење на јазикот, тоа и ќе биде овозможено. Се очекува бројот на луѓето кои ќе се приклучат на иницијативата да се зголемува.
„Бегалците од Украина кои се сместени во Струмица и Валандово имаат желба да го учат македонскиот јазик, и во тоа ќе им помогнат волонтерите. Тоа е со цел за нивна полесна социјализација и адаптација во средината“, вели Тунева.
Таа додава дека заклучно со завчера како бегалци кои имаат потреба од помош од Црвен Крст се пријавени 213 луѓе, од кои 170 се наоѓаат во Скопје. Но, бегалци има и во Куманово, Струга, Крива Паланка, Велес, Битола, Охрид.
Маријана Тошева, секретар на струмичкиот Црвен крст вели дека две лица, мајка и ќерка кои избегале од Украина поради војната и се сместени во околината на Струмица ќе го учат македонскиот јазик. Одредени сличности постојат помеѓу украинскиот и македонскиот јазик, но потребна е помош за полесно совладување и надминување на оваа јазична бариера.
„Нив им се пружа психо – социјална поддршка затоа што беа навистина потресени, претрпеле стрес. Со помош на волонтери, имаме ние и студенти по македонски јазик, ќе почнат со учење на азбуката и други основни работи. Тие нѐ разбираат нас, но не можат да зборуваат. Девојчето има 16 години и доколку ова потрае веројатно ќе треба да се запише на училиште. Планираме да направиме некој настан, да промовираат украински специјалитети, да организираме една македонско – украинска вечер, со цел да ги расположиме, и да си го исполнат времето“, вели Тошева.