МакедонијаНајново

Две лица, меѓу нив судски полицаец, под истрага за примање награда за противзаконито влијание

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција нареди да се спроведе истражна постапка против две лица осомничени за кривично дело примање награда за противзаконито влијание.

Државното Јавно обвинителство информира дека осомничени се судски полицаец и доставувач од Основниот кривичен суд Скопје, кои од август 2025  до 7 април 2026 година директно примиле награда од 500 евра и 60.000 денари од сведок, за посредување на судскиот полицаец во повисоките судови, со цел да издејствува ослободителна пресуда.

-Сведокот, кој поднел жалба против првостепена пресуда со која бил огласен за виновен и осуден на казна затвор во траење од една година, преку сосед стапил во контакт со осомничениот доставувач, кој го упатил кај судскиот полицаец како лице што може да посредува. Судскиот полицаец бил претставен како лице кое долги години работи во судот и има контакти со судиите во сите степени, при што може да ургира пресудата да биде заменета со ослободителна. Убеден во неговото влијание, сведокот во текот на 2025 година на доставувачот му предал 500 евра, со цел тие преку судскиот полицаец да му бидат предадени на судија од Апелацискиот суд Скопје кој би донел ослободителна пресуда, соопшти ЈОРСМ. 

Во текот на 2026 година сведокот на осомничениот судски полицаец му исплатил 30.000 денари како награда за посредувањето. Откако Апелацискиот суд Скопје ја потврдил првостепената пресуда, сведокот преку својот бранител поднел вонреден правен лек пред Врховниот суд на Република Северна Македонија. 

На 7 април 2026 година сведокот на осомничениот полицаец му исплатил уште 30.000 денари како награда за наводно посредување пред судиите на Врховниот суд кои треба да одлучуваат во постапката.

-Ценејќи дека се исполнети законските услови за определување мерка притвор, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог што беше делумно прифатен. Со решение на судот на осомничениот судски полицаец му е определена мерка притвор во траење од 30 дена, додека на доставувачот му е определен куќен притвор, за што предметниот обвинител незадоволен од одлуката на судијата достави жалба, се наведува во соопштението на Обвинителството.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons