Два авиони на скопскиот аеродром за една недела удрија во јато птици
Во текот на оваа недела на Меѓународниот аеродром Скопје се регистрирани два одделни инцидента со авиони што удриле во јато птици.
Во средата, околу 18 часот, авион од типот „Ербас А320-232“ на авиокомпанијата „Визер“, на лет од Скопје кон Базел, веднаш по полетувањето се вратил и слетал на аеродромот откако удрил во јато птици. Според првичните информации, најверојатно поголема птица предизвикала вибрации на еден од моторите поради искривување на перките. Иако двата мотора работеле нормално, капетанот, следејќи ги стандардните безбедносни процедури, одлучил од претпазливост да го врати авионот. Патниците излегле без прогласување на вонредна состојба, а леталото останало приземјено.
Неколку дена после првиот инцидент, на раниот утрински лет за Виена, авион на „Аустриан ерлајнс“ од истиот тип „Ербас А320“ имал блиска средба со јато птици. Инцидентот се случил околу 4:30 часот, при што екипажот го прекинал полетувањето додека авионот бил на пистата и се вратил кон терминалот. Летот бил реализиран со четиричасовно задоцнување.
Службите на концесионерот ТАВ, задолжени за оддалечување на птиците од аеродромските писти, користат специјални воздушни топови за плашење, но е забележано зголемено присуство на птици кои сè повеќе се адаптираат на мерките.
Судирите со птици се релативно чести во авијацијата, особено во периоди на миграција. Според податоците на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ICAO), 90% од ваквите инциденти се случуваат во близина на аеродромите, при полетување, слетување или на ниски височини. Иако моторите се дизајнирани да издржат удар од помали птици, судир со поголема птица или цело јато може да предизвика сериозни оштетувања.