Македонија

Двајца полицајци од граничниот премин Ќафасан во притвор за примање поткуп

Министерството за внатрешни работи поднело кривична пријава против двајца полицајци вработени во полициста станица за граничен надзор Ќафасан за примање поткуп и несовесно работење.

„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди до Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција – Скопје поднесе кривична пријава против полициските службеници А.В. и Н.С., вработени во Полициската станица за граничен надзор Ќафасан, поради постоење основи на сомневање дека првопријавениот сторил кривично дело „примање поткуп“ по член 357 став 1, додека второпријавениот сторил кривично дело „несовесно работење во службата“ по член 353-В став 1 и двете од Кривичниот законик“, соопшти МВР.

Според соопштението од МВР првопријавениот на 13.05.2023 на Граничниот премин Ќафасан од возач кој управувал автобус со црногорски национални ознаки, за кој не поседувал важечки зелен картон, побарал и примил поткуп во паричен износ од седумдесет евра, додека второпријавениот, го пропуштил возилото без важечки зелен картон и му овозможил непречено да оствари влез на територијата на Република Северна Македонија.

„По преземени мерки и активности за целосно расчистување и документирање на кривично-правниот настан, во координација со надлежен Јавен обвинител, полициските службеници се лишени од слобода и изведени пред судија на претходна постапка, од чија страна им е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, како овластен предлагач, ќе покрене постапка и за утврдување на дисциплинска одговорност, а полициските службеници ќе бидат суспендирани од работа до завршување на дисциплинската постапка“, соопшти МВР

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons