Актуелно

Данок за засладени пијалоци и ограничување на рекламирањето, препорачува ИЈЗ 

Решавањето на проблемот со дебелината бара системски мерки што ќе ја намалат изложеноста на населението на храна и пијалоци со висока содржина на шеќер, сол и нездрави масти. Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) предлага воведување даноци за засладените пијалоци и забрана за рекламирање на производи со висока содржина на шеќер, со цел да се намали нивната достапност и потрошувачка.

„Во Северна Македонија, исто како и на глобално ниво, стапките на дебелина се поттикнати од промените во економијата, зголемената потрошувачка на преработена храна, агресивното рекламирање на нездрава храна, како и намаленото ниво на физичка активност. Потребна е итна интервенција во овие области за да се спречи влошување на состојбата“, стои во извештајот на ИЈЗ.

Загрижувачки податоци за детската дебелина

Според истражувањата на ИЈЗ, 30,4% од децата на возраст од 6 до 9 години имаат вишок килограми, а 13,8% се со дебелина. Дури 4,4% од нив страдаат од екстремна дебелина, што сериозно го зголемува ризикот од хронични заболувања во подоцнежниот живот.

„Досегашните напори, фокусирани првенствено на индивидуалните навики, не се доволни. Дебелината не е само последица на лични избори – тоа е здравствен проблем кој бара системски решенија“, предупредуваат од ИЈЗ.

Стручњаците препорачуваат воведување:

-Посебен данок на засладени пијалоци – за намалување на потрошувачката.

-Забрана за рекламирање на храна со висока содржина на шеќер, сол и транс масти, особено во медиумите што ги следат децата.

-Јасно означување на храната, за потрошувачите да можат да прават информирани избори.

-Подобра исхрана во училиштата, со автомат-машини кои ќе нудат здрави наместо преработени производи.

-Повеќе физичка активност во наставната програма, за борба против седечкиот начин на живот.

Истражување спроведено меѓу средношколците покажа дека најчесто консумираат бурек, пециво или тост за време на училишните одмори, а 30% од нив воопшто не се физички активни. Според проф. Марко Арсовски, спортски тренер, и проф. д-р Игор Спироски од ИЈЗ, родителите мора да бидат посвесни за исхраната на своите деца, а училиштата треба да понудат здрави алтернативи.

Прекумерниот внес на сол – дополнителен ризик

Македонското население внесува двојно повеќе сол од препораките на Светската здравствена организација (СЗО). Особено загрижува количината на сол во белиот леб, кој доминира во исхраната. Според анализите, македонскиот бел леб е меѓу производите со највисока содржина на сол во светски рамки.

Превенцијата на дебелината мора да биде национален приоритет. Со комбинирање на даночни мерки, законски ограничувања и подобри услови за здрава исхрана и физичка активност, може да се постигнат долгорочни позитивни ефекти врз јавното здравје.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons