Гужва по граничните премини, се чека и повеќе од еден час
Зголемена фреквенција на возила има на граничните премини кон Грција и Србија. Авто мото сојузот на Македонија соопшти дека на граничниот премин Табановце за влез и излез од земјава се чека повеќе од еден час, а на граничниот премин Богородица за излез од земјава се чека околу 30 минути. На граничниот премин Блаце за излез од земјава се чека околу 30 минути.
Преку граничните премини Дојран и Богородица во изминатите 24 часа од земјава излегле речиси 15.000 лица, а влегле 14.205 патници.
Според податоците на Министерството за внатрешни работи, во изминатите 24 часа преку граничниот премин Богородица излегле 11.905 лица, додека приближно ист број патници влегле во државата. На преминот Дојран излегле околу 3.000 лица, а влегле околу 2.300.
„На граничниот премин Богородица од вчера од 12 часот до денес во истото време влез во државата оствариле 1.910 македонски државјани, а излез оствариле 6.884 граѓани. Што се однесува до странските државјани во истиот период влез во нашата држава оствариле 8.863, а ја напуштиле нашата држава 5.021 лице. Додека на граничниот премин Дојран во истиот временски период влез во државата оствариле 461, а излез – 2.074 македонски државјани. Што се однесува до странските државјани, во истиот период влез во нашата држава оствариле 1.847, а ја напуштиле нашата држава 995 лица“, информираат од МВР.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.



