Грузиската област Јужна Осетија сака да се припои на Русија
Јужна Осетија, oбласт во Грузија сака да се припои кон Русија.
Ова го најави претседателот на Јужна Осетија, Анатолиј Бибилов. Русија ја призна оваа област за независна во 2008 година по руско-грузиската војна, но меѓународната заедница и понатаму ја признава како дел од Грузија.
„Верувам дека обединувањето со Русија е наша стратешка цел, наша патека, желба на нашиот народ. И ние ќе се движиме во тој правец. Ќе преземеме соодветни законски чекори во блиска иднина. Република Јужна Осетија ќе биде дел од својата историска татковина – Русија“, изјави Бибилов.
Грузија нема контрола врз Јужна Осетија уште од распадот на Советскиот сојуз во 1991 година. Областа брои 54.000 жители.
„Разговорите за референдум во грузискиот отцепен регион Јужна Осетија за приклучување кон Русија се неприфатливи“, изјави денеска грузискиот министер за надворешни работи Давид Залкалијани.
Абхазија не планира да ѝ се придружи на Русија, изјавија денеска локални претставници по најавите на блискиот регион Јужна Осетија, што најави дека ќе преземе акција за приклучување. Русија на 24 февруари ја почна инвазијата на Украина, и бара припојување на делови од оваа држава.