Граѓаните да бидат претпазливи кога добиваат повик од непознат број – МВР презема мерки против телефонските измами
Граѓаните да бидат претпазливи при примање телефонски повици од непознати броеви или од броеви што се претставуваат како доверливи институции, никогаш да не споделуваат лични податоци, банкарски информации или лозинки преку телефон, апелираат од Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи (МВР).
Оттаму велат дека доколку се сомневаат оти се жртва на измама, веднаш случајот да го пријават во најблиската полициска станица.
Измамниците, велат од МВР, најчесто се претставуваат како претставници на банки, јавни институции или компании, со цел да ги измамат жртвите.
„Секторот за компјутерски криминал активно презема мерки за истрага и справување со телефонските измами што се вршат преку техники на пренасочување на телефонски броеви и лажирање на Caller ID. Овие измами, во последно време се сè почести, а имаат за цел манипулирање на граѓаните и стекнување на доверливи информации или финансиски средства“, се вели во соопштението од МВР.
Според Секторот за компјутерски криминал, од направените проверки во врска со телефонските измами е утврдено дека за манипулација со повици можат да се користат повеќе алатки.
Една од нив е VolP-услуги или услуги за глас преку интернет-протокол, со што се овозможува да се вршат повици преку интернет. Многу провајдери на VolP нудат функции како пренасочување на повици, маскирање и рутирање преку виртуелни броеви.
Втора е апликацијата за лажирање „SpoofCard“ или слични алатки што овозможуваат корисниците да го изменат Caller ID што се прикажува.
Трета, според МВР, се PBX-системи или приватни разменувачки мрежи кои можат да пренасочуваат повици преку различни броеви и да го изменат Caller ID за професионални цели.
На крајот е SIM-замената, како измамничка техника при која напаѓачите го пренесуваат бројот на жртвата на друга SIM-картичка за да пресретнат повици и пораки.