Гордана Сиљановска Давкова го доби Уверението од ДИК за претседател на државата
Државната изборна комисија (ДИК) денеска издаде Уверение за избран Претседател на Република Северна Македонија, на Гордана Сиљановска Давкова, откако на седница ги објави конечните резултати од Претседателски избори одржани на 24 април и 8 мај годинава. Уверението на Сиљановска Давкова и го врачи претседателот на ДИК Александар Даштевски и во име на Комисијата посака успешен мандат.
Даштевски на седницата констатираше дека за Претседател е избрана Гордана Сиљановска Давкова со мнозинство гласови од избирачите кои гласале. Сиљановска Давкова освои 561.000 гласови, наспроти нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски за кого гласале 251.899
Државната изборна комисија на седницата утврди дека вкупниот број на запишани избирачи за претседателските избори кои биле запишани во Избирачкиот список изнесува 1 814 317, а гласале 861 218. Вкупниот број на неупотребени гласачки ливчиња е 953.121, на важечки ливчиња 812.899, на неважечки ливчиња 48.289, а процентот на избирачи кои гласале е 47.47.
За постапката за сумирање на резултатите за Претседателските избори до ДИК немаше приговори, додека за Парламентарните кои се одржаа исто така на 8 мај се доставени девет од Коалицијата Вреди, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица. Даштевски посочи дека станува збор за групни приговори со опфатени повеќе избирачки места.
По објавувањето на конечноста на изборните резулатати за Претседателските избори, ДИК треба да достави извештај до Собранието за да биде закажана седница за инаугурација на новата претседателка која според најавите ќе одржи утре напладне. Таа пред пратениците од стариот состав треба да даде свечена изјава по која и започнува да тече нејзиниот мандат. Мандатот на актуелниот претседател и нејзин противкандидат истекува утре.
Универзитетската професорка Гордана Сиљановска – Давкова ќе биде шестиот претседател на Северна Македонија и прва жена која е избрана на оваа позиција.