Голема чест за Кире: Лазаров се најде на „ѕидот на легендите“ на Нант (Фото)
Францускиот клуб Нант слави 70 години од своето постоење и подготвува специјален настан за големиот јубилеј, па ракометниот клуб во овие посебни моменти не го заборави и најдобриот македонски ракометар на сите времиња.
Кирил Лазаров своите последни години од кариерата му ги посвети на Нант и беше испратен како „крал“ од францускиот клуб, а актуелниот македонски селектор сега се најде и на „ѕидот на легендите“.
Нант ги објави имињата на ракометарите кои оставија посебна трага и печат во клубот, а Кире заслужено се најде во стартната седморка на тимот.
Според клубот, станува збор за играчи кои направиле Нант да расте и да блеска на национално и интернационално ниво, а покрај Лазаров, на „ѕидот“ се најдоа уште шест ракометари.
Тоа се Бруно Соуза, Фредрик Доле, Алберто Ентрериос, Махмуд Гарби, Доминик Клајн и Рок Фелијо. Интересно, станува збор за ракометари кои го носеа дресот на Нант во последните две децении.