Гардијан: Во Скопје воздухот мириса на изгорена пластика 

Македонската престолнина е жариште на ПМ2,5, каде што луѓето стравуваат за своето здравје. Има ли надеж за промена?, прашува Аџит Ниранџан за Гардијан.

Ридовите што го обиколуваат Скопје ги чуваат граѓаните безбедни кога смогот се згуснува, но и ги заробуваат отровите што го прават неговиот воздух еден од најопасните во европските градови.

Планините се единствениот спас, вели Катарина, 33-годишна сметководителка, одејќи си дома од вечерното пешачење. „Јас и пред ковидот носев маска против загадениот воздух“.

Валканото гориво, лошото градежно планирање и незгодниот терен со децении го задушуваа главниот македонски град, вели Гардијан. Градот се наоѓа во долина каде што покрај домовите и канцелариите зујат старите фабрики. Во зима, кога луѓето палат печки со отпадно дрво и ѓубре, топлиот воздух се крева и се сретнува со студениот и тежок планински воздух горе, формирајќи капак што го заробува загадувањето долу.

д

Облаците траат со денови ако не дувне ветер. „Има мирис и вкус на изгорена пластика“, вели Драгана Ѓурчиноска, 29-годишна менаџерка за настани во хотелот „Панорамика“ во подножјето на планината Водно.

Во Скопје се наоѓаат три од најзагадените населби на континентот, покажала анализата на Гардијан заснована на моделирање на европските податоци за квалитетот на воздухот. Заедно со градовите низ Западен Балкан и во Полска, таа е едно од европските жаришта за честички помали од 2,5 микрони во дијаметар, познати како ПМ2,5. Некои од овие ситни честички се провнуваат низ белите дробови и во вените, јавајќи низ крвотокот во целото тело и предизвикувајќи хаос кај органите што ги среќаваат.

Една студија во 2018 година покажа дека воздухот во Скопје е толку затнат со загаденост што жителите умирале во просек две до три години порано отколку кога би го немало овој еколошки фактор, „кој во голема мера може да се спречи“.

Ако го претворите ова во економски термини, цената што ја плаќа општеството е „многу, многу висока“, вели Михаил Кочубовски, коавтор на студијата и шеф на тимот за животна средина во македонскиот Институт за јавно здравје, кој цената за општеството од загаденоста на воздухот во Скопје ја проценува меѓу 0,5 и 1,5 милијарди евра. „Многу е подобро да се плати 1 евро (за превенција), да речеме, и да заштедите 5 или 10 евра, кои нема да ги потрошите за здравствени проблеми како што се морбидитет, смртност и боледувања.“

д

Со намалување на загадувањето со ПМ2,5 до препорачаната граница на ЕУ за микрограми на кубен метар, откриле истражувачите, Скопје ќе избегне еден на секои пет болнички приеми поради болести на срцето и белите дробови. Ако ја достигне построгата граница од 10 микрограми на кубен метар од Светската здравствена организација – која оттогаш ја намали својата граница на 5 микрограми на кубен метар и прогласи дека ниедно ниво на загаденост на воздухот не е безбедно – градот ќе ги преполови ваквите посети во болници.

На скопските улици луѓето велат дека се плашат не само за сопственото здравје, туку и за здравјето на своите семејства и пријатели.

„Мајка ми има астма, сопругот има проблеми со горните дишни патишта, а и јас исто така“, вели 30-годишната Сара Цариќ Јакимовска, технички советник во консултантска компанија за управување со отпад и мајка на двегодишно дете. „Последниве три години носот ми е постојано затнат и имам проблеми со дишењето“.

Ангела Здравкова, 25-годишна студентка по медицина, која работи со скратено работно време во книжарница покрај раскрсница на два пата со седум ленти, вели дека е вообичаено ранливите луѓе да носат маски во зима. „Најмногу се грижам за децата и постарите лица“.

За некои жители, лошиот воздух е дополнителна причина да ја напуштат земјата, заедно со ниските плати и корупцијата, кои го поттикнаа одливот на мозоци во ЕУ. Повеќе од 90 отсто од младите во Северна Македонија, вели Гардијан, сакаат да се преселат во странство, покажа истражувањето на непрофитната Младинска алијанса минатата година. Економијата е дополнително погодена бидејќи воздухот ги одвраќа странските работници и туристите, а ги држи жителите заробени дома.

Од Скај барот на шестиот кат на хотелот Панорамика, Ѓурчиноска вели дека најголемата предност на барот е погледот. Но, во најлошите денови, вели таа, гестикулирајќи кон градските теракотни покриви и ридовите, загадувањето е толку лошо „воопшто не можете да го видите Скопје“.

Мала утеха за постарите жители е што смогот сега е сив, а не црн. Пред неколку децении Скопје гореше уште понечисти горива, кои исфрлаа сулфур диоксид. За време на она што научниците го нарекуваат температурни инверзии, кога слој од топол воздух формира капак над градот, лепливиот сулфур се закачуваше за водената пареа во воздухот и создаваше црн смог што ги затрупуваше автомобилите со слој од гар. Градот оттогаш го забрани бензинот што содржи сулфур и централите за централно греење почнаа да работат на гас наместо на нафта.

„Беше страшно“, вели Кочубовски, сеќавајќи се на последниот голем настан со црн смог во јануари 1993 година. „Беше многу тешко да се дише, луѓето страдаа“.

д

Загадувањето со ПМ2,5, исто така, е малку намалено во последните години бидејќи потоплите зими значат дека луѓето треба помалку да се греат. Но експертите велат дека не се прави ништо за да им се помогне на домаќинствата да се префрлат на почисти горива. Помеѓу четвртина и третина од луѓето во Северна Македонија не можат да си го загреат домот, вели Гардијан. Две третини скопјани горат дрва, честопати користејќи неквалитетно гориво во неефикасни печки, а горат и ѓубре кога немаат пари за ништо друго.

Бојана Станојевска Пецуровска, претседателка на непрофитниот Центар за климатски промени, вели дека градот треба да ја прошири својата мрежа за централно греење во сите населени места, да им помогне на луѓето да ги направат своите домови енергетски поефикасни и да ја регулираат содржината на влага во огревното дрво. „Тоа е социјално прашање, а никој не се занимава со него како со социјално прашање“.

Покрај чистото загревање на куќите, експертите повикаа на построга контрола на фабриките и сообраќајот. Тие, исто така, го критикуваа и неконтролираното градење. Кога Скопје беше уништено од земјотрес во 1963 година, градот беше изграден со коридори, кои овозможуваа воздухот да тече од исток кон запад, издувувајќи ги загадувачите низ долината. Но, во последните децении, велат локалните жители, згради никнуваат на места на кои не би требало, блокирајќи ги клучните дишни патишта и предизвикувајќи жителите да се гушат.

Од клупа на една раскрсница во индустрискиот кварт Аеродром, 30-годишниот софтверски инженер и опозициски градски советник Горјан Јовановски покажува кон три бели облакодери чии најгорни катови ѕиркаат над смогот во зима. „Тие се единствените доволно високи за да се издигнат над температурната инверзија, па ако сте доволно богати, можете да си го купите спасот“.

д

Она што е потешко да се разбере, вели тој, е дека и децата на елитите го дишат истиот воздух кога одат на училиште.

Јовановски стана познат откако разви апликација за собирање податоци за квалитетот на воздухот што стана популарна во Скопје и неколку други балкански градови. Но зголемената граѓанска свест не се претвори во почист воздух, вели тој. Во 2021 година, тој и другите разочарани еколошки активисти се кандидираа за локална функција и освоија две од 45-те места во градскиот совет.

За загадувањето на воздухот, вели тој, „сите сме свесни, знаеме како да го следиме, особено во зима. Проблемот е што свеста се чини дека е запрена пред портите на владата“.

Градскиот совет не одговорил на барањето коментар.

Сепак, тоа не е само проблем на Скопје, вели Јованоски, отворајќи ја апликацијата за квалитет на воздухот и посочувајќи ги другите градови од Балканот и Источна Европа. „Ако ја погледнете мапата во зима, во Европа ја гледате железната завеса во квалитетот на воздухот“.

mkd.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons