Вчера шест пријави за семејно насилство, уапсени тројца насилници
Тројца насилници лишени од слобода во текот на вчерашниот ден, од вкупно шест пријави за семејно насилство.
Од Министерството за внатрешни работи споделија детали за сите пријави.
Синоќа околу 19 часот, полициски службеници од ОВР Дебар, во неговиот дом во село во општина Центар Жупа, од слобода го лишиле Ј.Р.(48). Тој претходно, во семејниот дом, предизвикал вербална расправија со сопругата и малолетната ќерка, по што со тврд предмет ја нападнал малолетничката. По консултации со јавен обвинител и по целосно документирање на настанот, против напаѓачот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Вчера во 16:30 часот, во Градско, полициски службеници од Полициската канцеларија Градско лишиле од слобода 26-годишник од Градско, постапувајќи по претходна пријава дека во домот физички ја нападнал неговата 20-годишна сопруга, по што дошле неговиот татко и таткото на неговата сопруга и настанала турканица меѓу нив. Тој бил приведен во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Вчера во 15:52 часот во СВР Штип, 28-годишна жена од штипско, пријави дека околу 15:45 часот во семејниот дом била физички нападната од нејзиниот сопруг Д.С.(34). Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Исто така вчера во 14:30 часот во СВР Скопје, 29-годишна жена од скопско, пријави дека телефонски и се заканувал нејзиниот сопруг К.Ј.(33), кој престојува во странство. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Синоќа околу полноќ во радовишко село, полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Радовиш лишиле од слобода 54- годишен жител на тоа село, постапувајќи по претходна пријава дека во семејниот дом физички ја нападнал неговата мајка, при што и нанел повреди на телото. Лицето е задржано во Полициската станица Радовиш, за настанот е запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Радовиш и по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Вчера во 16:30 часот во ОВР Прилеп, 45-годишен маж од Прилеп пријави дека во семејниот дом во Прилеп, неговата сопруга физички го нападнала нивното малолетно дете. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.



