Во последните три години за 100 проценти е зголемен приходот од патарините 

Годината што изминува е рекордна- и од аспект на инвестиции, од приход од наплата на патарини, но и историска година затоа што е потпишан договор и отпочнат е проект за градење на 110 километри автопатишта со конзорциумот Бехтел и Енка, изјави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми, презентирајќи ги резултатите од работата на претпријатието.

Оваа година, рече Рустеми, ќе ја завршиме со рекорден приход од 62 милиони евра од патарини.

„Годинава имаме речиси 100 проценти зголемување на приходите од патарина за разлика од пред три години. Како споредба, во 2020 година од наплатени средства по основ на наплата на патарина остварен е вкупен приход во висина од 34 милиони евра, во 2021 година од над 46 милиони евра, во 2022 година износот е веќе над 53 милиони евра и оваа година ќе ја завршиме со 62 милиони евра“, рече Рустеми.

Годинава, како што потсети, се отпочна и со модернизација на наплатните станици на Коридорот 8, Глумово и Желино, каде што ќе биде воведена исто така електронската наплата.

„Приходите кои се слеваат во нашиот буџет по основ на наплата на патарини и на други приходи се враќаат како инвестиција во одржување, рехабилитација и изградба на патишта. Една од слабите точки што ги констатирав како прв човек на државни патишта беше одржувањето на патиштата, посебно на автопатите за што со право често бевме критикувани. Од тие причини годинава дополнително преземавме конкретни чекори да ги поправиме состојбите и во интерес на безбедно одвивање на сообраќајот на автопатиштата. Во наредните години ЈПДП континуирано и сеопфатно ќе врши чистење на автопатските делници“, додаде тој.

За изградбата на автопатот Кичево-Охрид Рустеми рече дека се пролонгира поради појава на нови свлечишта и обрушување на косините и сега проектот е во фаза кога му е потребна експертска помош.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons