Во Подгорица е потпишан договор за формирање на регионална ракометна лига
Денеска во Подгорица беше потпишан договорот за формирање на регионална лига во машка и женска конкуренција.
На состанокот покрај првиот човек на РФМ, Александар Стефанов присуствуваа и претседателите на ракометните федерации на Црна Гора и Србија.
Потврдено е и дека машката лигата ќе биде составена од десет клуба, по четири од Србија и Македонија и два од Црна Гора. Во женска конкуренција ќе има исто така десет клубови, но од пет земји, покрај Црна Гора, Македонија и Србија, тука ќе бидат уште Хрватска и Словенија, секоја земја ќе има по два претставника.
„Овој проект претставува важен чекор кон создавање поквалитетен и поконкурентен натпреварувачки систем, кој на клубовите ќе им овозможи поголем број силни натпревари, дополнителен развој на младите играчи и тренери, поголема медиумска видливост, како и посилен комерцијален потенцијал за ракометот во целиот регион.
Посебна вредност на овој проект му дава фактот што станува збор за заедничка иницијатива на федерациите и клубовите, заснована на партнерски однос, меѓусебна доверба и заедничка визија за развој на ракометот во Југоисточна Европа“,истакнаа од РФМ.
Во наредниот период ќе има уште еден состанок на кој ќе бидат дефинирани сите организациски модели и календарот за почеток на натпреварувања.



