Во Македонија се плаќала четири пати поскапа струја на слободниот пазар 

Илјадници компании со над 50 вработени или вкупен годишен приход од над 10 милиони евра, принудени да купуваат електрична енергија на слободниот пазар, минатата година во просек плаќале струја по 262,3 евра од мегаватчас. Тоа е четири пати повисока цена во однос на 2020, последната година која не беше зафатена од енергетската криза. Ова го покажува пресметката на Регулаторната комисија за енергетика во својот извештај за 2022. Од тука, може да се најде еден од одговорите за галопирачката инфлација во земјата и општиот пад на животниот стандард.

„Просечната продажна цена на електрична енергија од трговци/снабдувачи на пазарот на големо во 2022 година изнесувала 16.131,9 ден. за MWh, односно 262,3 евра за MWh и е за 188,36 проценти повисока од цената во 2021 година (5.594.2 ден. за MWh; 90,96 евра за MWh), односно за 400 проценти повисока од соодветната цена во 2020 година што изнесувала 3.220,1 ден. за MWh, односно 52,34 евра/MWh“, пишува во извештајот на Регулаторот.

Вкупното количество на електрична енергија, коешто било тргувано на пазарот на електрична енергија на големо во 2022 година изнесува 3.148.066 мегавати и бележи голем пад од 27,48 отсто во однос на 2021 година, што се должи на штедењето, големиот број на инсталирани фотоволтаици од самите потрошувачи и злоупотребата со преминување од слободниот на регулираниот пазар.

Најголемо количество на истргувана електрична енергија на слободниот пазар има гасната централа ТЕ-ТО со 26,4 отсто учество, пред ЕВН Трејдинг, фирмата-ќерка на ЕВН за тргување, со 25,7 отсто и словенечката ГЕН-И со 17,5 проценти. На четвртото место е ЕСМ Продажба, фирмата-ќерка на АД ЕСМ, со 7,6 отсто, додека албанската ЕТМТ Енерџи со 6,5 проценти го заокружува Топ-5 пласманот за 2022.

Повеќе на faktor.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons