Во Македонија дури 45,4 отсто од граѓаните се пушачи, што е далеку над просекот во регионот кој е 25 отсто
Над 200 македонски граѓани се обидуваат да се откажат од пушење, а тоа може да го сторат во еден од десетте Центри за јавно здравје во државата, каде што работат со професионални лица.
Маја Манолева, заменик министер за здравство, вели дека сѐ повеќе лица стануваат свесни за штетниот ефект од цигарите, но според податоците од Министерството за здравство, во Македонија дури 45,4 отсто од граѓаните се пушачи, што е далеку над просекот во регионот кој е 25 отсто.
– Како дел од мерките за справување со оваа негативна појава во десетте Центри за јавно здравје имаме советувалишта за одвикнување од пушењето, каде два пати неделно се спроведува групна терапија со професоналци. Има можност на барање на граѓаните и за индивидуална терапија, а над 200 лица годишно се обидуваат да ги остават цигарите. Сѐ повеќе граѓани се свесни за негативните ефекти по здравјето, како што се срцевата слабост, намалената концентрација, а не помалку важни се и последиците по репродуктивното здравје – посочи Манолева.