Внимателно возачи, полицијата има две возила пресретнувачи
Денеска претседателката на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Гордана Кожуваровска, на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски му предаде две возила, опремени со системот полкам (PolCam), внатрешен уред дизајниран за контрола и мониторирање на сообраќај и прекршоци на возила во движење (пресретнувачи).
За време на средбата беше направена презентација на двете возила и опремата инсталирана во нив, при што беше потенцирано дека за првпат во Македонија полицијата располага со возила и опрема од ваков тип, кои исклучително ќе ја променат сликата на сообраќајот на патиштата, во насока на унапредување на безбедноста во сообраќајот.
Претседателката на РСБПС, Кожуваровска, истакна дека продолжува успешната соработка помеѓу РСБСП и МВР со заедничка цел унапредување на безбедноста во сообраќајот.
Таа и министерот нагласија дека возилата имаат огромна предност во однос на стационарните уреди за евидентирање на прекршоци, односно ја посочија компонентата на мобилност како клучна за целосна покриеност од сообраќајната полиција во насока на превентивно и репресивно делување на терен во сообраќајот, а со цел сериозно намалување на сообраќајни незгоди, особено со тешки последици.
Системот полкам е незаменлив при документирање на сообраќајни прекршоци како што се: минување на црвено светло, возење со поголема брзина од дозволената, непрописно престигнување и други прекршоци, а брзината на движење на возилата може да се мери на фиксна и променлива оддалеченост од возилата.
Уредот овозможува видео запис од 25 фотографии во секунда, мапа на којашто се покажува локацијата каде е направено видеото, а има и опција за пронаоѓање и автоматско препознавање на регистарски таблички кои направиле прекршоци.
Интегрираните уреди се од полската компанија Полкам кои преку поставените камери со висока резолуција на предниот и задниот дел од возилото во денски и ноќни услови и во движење бележат видео записи од сторените прекршоци. Бележаните видео записи се складираат во хард диск кој е поставен во задниот дел од возилата и истите подоцна може да се употребат како веродостоен доказ за сторениот сообраќаен прекршок пред надлежните институции.
Покрај документирањето на сообраќајните прекршоци со овој уред може автоматски да се детектираат и препознаат регистарски таблици, кои претходно биле евидентирани за сторен сообраќаен прекршок.