Актуелно

Владата повторно ја одложи гасификацијата на земјата за уште една година

Владата на седница минатата недела донела одлука уште еднаш да го одложи почетокот на гасификацијата на земјата и тоа повторно на уште една година. Тоа значи дека нови 12 месеци ќе бидат потребни за да се склучи договорот со операторот од јавно-приватното партнерство, а кој ќе треба да донесе природен гас до домовите и до останатите потрошувачи.

Владата на крајот од минатата година веќе еднаш донесе одлука за одложување на постапка за доделување на договорот за воспоставување на јавно приватно партнерство за гасификација на земјата за една година. Рокот од 24 месеци, воспоставен пред три години, сега се зголемува на 48. Гасификацијата во населените места требаше да започне на почетокот од оваа година, но нема да стартува ниту следната.

Иако имаше кандидати, не е одредено која компанија како приватен партнер ќе го донесе гасот во домовите и останатите потрошувачи преку изградба и одржување на гасната мрежа.

Владата две години одбира помеѓу турските компании „Акса Догалгас Дагити А.С.“ и „Палмет Енерџи Аноним Ширкети“ за воспоставување на јавно приватно партнерство за финансирање, проектирање, изградба, управување, одржување и развивање на дистрибутивниот систем на природен гас низ Македонија, откако претходно заврши првата фаза на конкурентен дијалог за доделување на договор 

За минатото одложување, аргумент на Владата беше ситуацијата со пандемијата, но овој пат нема јасна причина зошто се одолговлекува изградбата на мрежата уште повеќе, ако се знае дека во наредниот период треба да започне изградбата на гасоводот што ќе доаѓа од Солун.

Инаку одбраната компанија, според условите од договорот, ќе треба да инвестира 300 милиони евра за гасификација на населените места низ земјата.  Оној што ќе го добие 35-годишниот договор ќе има право да менаџира и да остварува приход од системот со обезбедување на загревање на јавните установи, како и на комерцијалниот сектор и домаќинствата. Во најраната фаза ќе треба да ги гасифицира Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Центар, Чаир, Градско, Демир Капија, Кавадарци, Крива Паланка, Куманово, Неготино, Прилеп, Свети Николе, Штип, Битола, Гостивар, Тетово, Кратово и повеќе рурални средини во непосредна близина. 

Компаниите уште пред две години ја минаа фазата на евалуација на пријави за учество, односно евалуација на нивната економско- финансиска способност, како и техничка способност во согласност со критериумите кои беа наведени во тендерската документација. 

Владата во декември 2019 година донесе одлука за започнување на постапка за доделување на договор на приватен партнер кој ќе го изгради и потоа ќе наплаќа од дистрибутивниот систем на природен гас во земјата, додека паралелно државниот НЕР ги гради магистралните гасоводи и интерконективните приклучоци. 

Според критериумите, компаниите треба да имаат најмалку 150 милиони евра годишен приход во последните три години. Инвеститорот за четири години треба да изгради најмалку 50 отсто од мрежата во градските општини и најмалку 20 отсто во руралните општини. 

Договорот ќе го добие оној кој ќе понуди најмала висината на надоместок за приклучок кај крајните корисници, а критериум ќе биде и висина на надоместок за концесија и времетраењето на изградбата. Според владината одлука, приватниот партнер ќе плаќа за договорот доделен од државата така што ќе издвојува однапред предвиден процент од годишниот приход.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons