Владата ги поскапи доматите, краставиците, пиперот и кромидот 

Одлуката ќе стапи на сила штом ќе биде објавена во Службен весник и ќе трае до крајот на месецот. Инспекциските контроли продолжуваат.

Килограм домати и краставици ќе се продаваат по цена од 95 денари, пиперките ќе чинат 100 денари, а кромидот доби цена поскапа за 10 денари од претходната и сега ќе чини 70 денари за килограм. Ова е мала корекција на претходната владина одлука, бидејќи како што изјави министерот за економија Крешник Бектеши, од 28 март досега, увозниците доставиле „пологични фактури, од кои може да се види дека на берзите има зголемување од 30 отсто  на одредени видови зарзават“. Останатите цени на зарзаватот остануваат исти и не смеат да бидат повисоки од 100 денари за килограм, освен леќата која чини 110 денари, додаде Бектеши.

Според него, цените на јужното овошје се намалени и кај нив нема да има корекција. Прашан како го коментира фактот дека речиси и да нема свежа понуда на зеленчук, министерот ја спореди „празнотијата“ на пазарите и на рафтовите во маркетите, со игрите на пекарите.

-Сега ги задолживме увозниците и трговците да набавуваат 70 отсто од прометот во јануари и февруари и ако не го сторат тоа ќе бидат казнети според Законот за трговија. Контролите се во тек и нема да запрат. На лажните фактури мора да им се стави еднаш засекогаш. Царината веќе ги достави фактурите до нивните колеги во Турција и Грција од каде доаѓа најголемиот увоз и ако ги добиеме скоро, ќе излеземе со споредбени податоци – беше дециден Бектеши.

-Никој не смее да крие производи, сета стока мора да биде изложена. Се прават прават анализи за да се види дали и колку е оштетен Буџетот со доставување на двојни фактури – додаде Бектеши. Новата владина Одлука ќе стапи на сила штом ќе биде објавена во Службен весник и ќе трае до крајот на месецот. Ако има потреба ќе има нови корекции во зависност од тоа како ќе се движат цените на увозните производи, бидејќи се уште нема доволно домашно производство. Тој повтори дека нема да се толерираат маржи од 100 или 200 отсто. Ќе продолжат, и контролите за тоа како е реализиран увозот на овошје и зеленчук последните месеци.

Со Одлука на Владата од 5 април се замрзнаа цените на 11 видови овошје и зеленчук. Претходно беа замрзнати и цените на тестенините и млечните производи кои се намалени за 15, односно за 10 проценти, како и цените на јајцата и оризот, додека цената на белиот и на полубелиот леб до 450 грама е замрзната на 33 денари.


Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons