ВИДЕО од пречекот на копно на вториот спасен Македонец по поминати 18 часа во морето 

Со насмевка на лицето, смирен, опуштен и во добро расположение, 30-годишниот македонски државјанин по поминати над 18 часа во морето, стапна на копно и со возило на брза помош беше пренесен во болница, откако спасувачките екипи го пронајдоа во морскиот дел југозападно од Касандра на Халкидики, јави дописничката на МИА од Атина.

Веројатно е дека хеликоптерот што учествува во акцијата го лоцирал исчезнатиот, по што бил информиран товарниот брод, што се наоѓал во близина и го спасил Македонецот, кој потоа бил преземен од чамец на грчката Крајбрежна служба.

На пристаништето тој беше пречекан со аплауз од присутните, но и од голем број новинарски екипи кои од вчера детално го следат случајот со исчезнатите македонски туристи.

Според грчките медиуми, момчето се вика Иван и тој е 30-годишникот кој вчера славел роденден, кога заедно со уште двајца другари влегле во морето и биле повлечени од силните струи. 

Извори од крајбрежната служба на Грција, како што претходно објави МИА, брифираа дека спасениот 30- годишен државјани на Северна Македонија е во релативно добра здравствена состојба. Градоначалничката на Касандра, Анастасија Халкија, за солунскиот информативен портал „Ворија” вели дека веројатно добрата физичка состојба и смиреноста биле пресудни што и по 18 часа во морето, тој останал жив.

На еден од чамците на спасувачките екипи, додека траеше потрагата, беа и братот и таткото на спасениот, пишуваат медиумите.

Акција и потрагата на грчката крајбрежна служба, на грчкиот спасувачки тим и спасувачи волонтери продолжуваат за пронаоѓање на последниот од тројцата исчезнат, 28-годишен македонски државјанин.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons