БМВ го редизајнираше своето познато лого
Компанијата БМВ, без официјално соопштение, го промени изгледот на својот легендарен знак, познат како „кружен“. Редизајнираното лого за прв пат беше видено на новиот модел iX3, а промените се суптилни, но намерни.
Новиот амблем повеќе го нема внатрешниот хромиран прстен што го одделуваше надворешниот круг од сино-белите баварски квадрати. Наместо тоа, црниот раб сега беспрекорно се вклопува во дизајнот. Сребрените прегради, кои ги сечеа сино-белите делови, исто така беа отстранети, давајќи му на знакот почист, посовремен изглед. Единствените преостанати хромирани детали се на најнадворешниот прстен и на буквата „BMW“, која сега е потенка и попрецизно обработена. Целокупниот ефект е порамен и помодерен дизајн.
Оливер Хајлмер, раководител на дизајнот за „Neue Klasse“, го објасни размислувањето зад редизајнот.
– Сакавме да го задржиме наследството, но да внесеме поголема прецизност во логото. Хромираните детали се сè уште таму, буквите се завршени со сјајниот шаблон што често се наоѓа на часовниците, а белите области сега се поблиску до надворешниот прстен. Знакот е рамен, но кога ќе го допрете, сè уште можете да ги почувствувате релјефните рабови – рече Хајмлер.
Друга важна разлика е завршницата на црниот прстен. Наместо сјаен изглед, новиот рондел има сатенски, речиси мат сјај, што му дава суптилна софистицираност под различни услови на осветлување.