МакедонијаНајново

Биле пристрасни во случај со роднини на Заев – австрискиот амбасадор бара смени на судии и обвинители

Фирма од Австрија не може да си наплати 4,5 милиони евра долг од зетот на семејството Заеви. 

Австрискиот амбасадор Георг Вуцас, преку допис до медиумите, упатува жестоки критики до македонското правосудство, барајќи да се разрешат сите судии и јавни обвинители, но и да им се укинат лиценците на извршителите и нотарите кои постапувале во спор што се води меѓу австриската компанија „АММА ДОО Хоенемс“ и валандовската фирма „ДЕНА трејд“ за производство на корнишони, поврзана со семејството на поранешниот премиер Зоран Заев.

Фирма од Австрија, која има побарување од 4,5 милиони евра од македонска фирма, и времена мерка за забрана за отуѓување на нејзиниот имот, реагира на тоа што и покрај судската забрана, фирмата ја отуѓува својата сопственост, оставајќи мали или никакви шанси доверителот, австриската компанија АММА, да си го наплати долгот. Според австриската амбасада, станува збор за злоупотреба од страна на нотари, извршители и судски функционери, кои се под влијание на фирмата должник. Австрискиот амбасадор бара надлежните судски органи, обвинителството и стручните комори да реагираат и да го спречат криминалот. Една од фирмите, преку која се испумпува имотот на фирмата должник, е во сопственост на Емилија Заева Костова, братучетка на Зоран Заев и сопруга на самиот должник Атанас Костов од Валандово – наведува амбасадата на Австрија.

Во отвореното писмо до медиумите од Амбасадата на Австрија во Македонија се опишува проблемот:

„Основниот граѓански суд во Скопје на 7 јуни годинава издаде времена мерка во корист на компанијата AMMA Import Export GmbH (AMMA), со седиште во Хоенемс, Австрија, високо ценет индустриски снабдувач на зеленчук во регионот на Југоисточна Европа, првенствено ангажиран во трговија на големо и дистрибуција на земјоделски производи. Со забраната се замрзнува недвижниот имот на фирмата ДЕНА ПРОДУКТ Увоз Експорт Велес (ДЕНА) во сопственост и управуван од г-дин Атанас Костов од Валандово до признавање и извршување на арбитражна одлука во износ од приближно 4,5 милиони евра дадени на 3 јануари 2023 година во фер и транспарентен процес од реномиран меѓународен арбитер, во корист на АММА. Не е изненадувачки што мерката е обжалена.

Испаѓа дека патот до извршување на меѓународна арбитражна одлука во Северна Македонија е тежок и комплициран, и ги загрозува инвестициите преземени од австрискиот инвеститор. Во случајов времето е значителен фактор, со оглед на тоа што ДЕНА уште од почетокот, со поддршка на сродни компании, извршители и нотари, презема разни активности за да ги избегне и спречи легитимните побарувања од АММА, и тоа на следниве начини:

– најголемиот дел од својот имот го префрли на ГЛОБАЛ ТРЕЈД ДММ ДООЕЛ Валандово, (ГЛОБАЛ), поврзана компанија која е во сопственост на г-ѓа Емилија Заева Костова, сопруга на г-дин Атанас Костов, и братучетка на поранешниот премиер Зоран Заев,

– помогнала во спроведување на две извршни решенија против сопствените стакленици и имот во Валандово, при што има јасни докази дека официјалниот јавен катастар е изманипулиран како поддршка на овие акции, и трето,

– спровела јавно наддавање на сопствена стаклена градина во Богданцина на 10 јули 2023 година, иако е во тек граѓанска постапка и кривична истрага.

Со последното закажување на јавното наддавање на 10 јули 2023 година, во корист на компанија поврзана со ДЕНА, АММА речиси сигурно нема да може да си го наплати отштетниот износ од 4,5 милиони евра.

Зошто австриски инвеститор мора да ангажира три адвокатски канцеларии и да поднесе повеќе од десет тужби за признавање на арбитражна одлука во Северна Македонија? Како е можно да се манипулира со информациите од Централен катастар, официјалниот јавен регистар? Како може да продолжат извршни постапки, кога во исто време против некоја фирма се изречени привремени судски мерки, а против неа се води истрага? Зошто надлежните институции во државата, најважно, се Советот на јавни обвинители, Државниот јавен обвинител, Вишото јавно обвинителство – Скопје, се целосно неактивни и воопшто не го истражуваат случајот?

Дали ДЕНА и ГЛОБАЛ ги заробија судството и службениците (извршителите и нотарите)?

Како последица на тоа, австрискиот амбасадор Георг Вуцас побара од Судскиот совет и Советот на обвинители во неодамнешното писмо итно да ги отстранат сите неспособни или пристрасни судии и обвинителите во овие случаи. Секој притисок и влијание се некомпатибилни со независноста на судството и мора да се пријават за понатамошно постапување. Покрај тоа, амбасадорот Георг Вуцас ги повикува надлежните Комори на извршители и Комора на нотари да ги укинат лиценците на нотарите и извршителите кои ја злоупотребиле својата службена положба и овластување во конкретниот случај.

Австриската амбасада будно ќе ги следи понатамошните случувања во оваа работа, вклучително и сите нерешени правни барања до судовите и до јавното обвинителство. Ние ги изразуваме нашите големи надежи и очекувања дека правосудниот систем во Северна Македонија ќе дејствува самостојно и правично и ќе дозволи владеењето на правото да преовладува во разумна временска рамка.

Австриската амбасадата ги повикува сите одговорни медиуми во Северна Македонија да бидат сведоци на јавната аукција во просториите на извршителот Ангел Костадиновски во Кавадарци, на 10 јули во 12:00 часот. На аукцијата ќе присуствува и амбасадорот Георг Вуцас, а тој ги повикува сите одговорни граѓани кои се залагаат за владеење на правото, особено државниот јавен обвинител, да му се придружат. Ако заложбите за борбата против корупцијата и организираниот криминал се искрени, сега е време да се обрне внимание, а не да се гледа настрана!“ – се вели во писмото од амбасадата на Република Австрија во Македонија.

фото австриска амбасада Скопје


Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons